• вторник, 24 декември 2024

Почина Пол Мичел, голем пријател на Македонците во американскот Конгрес

Почина Пол Мичел, голем пријател на Македонците во американскот Конгрес
Вашингтон, 18 август 2021 (МИА) - Пол Мичел, поранешен конгресмен, кој ја напушти Републиканската партија поради тврдењата на поранешниот претседател Доналд Трамп за изборна измама, почина синоќа по краткотрајна борба со ракот. Мичел, кој помина два мандата во американскиот Претставнички дом беше претставник на 10. конгресен округ од Мичиген. Во сојузната држава живее значајна македонска дијаспора и конгресменот беше голем пријател на Македонците. Тој беше копретседавач на групата конгресни пријатели (кокус) на Македонија и на македонските Американци во САД, и е лауреат на наградата за македонско пријателство на Обединета македонска дијаспора (ОМД). Мичел (64) се пензионираше во декември 2020 година и реши да не се кандидира за трет мандат по тврдењата на Трамп дека изборите наводно биле фалсификувани. - Не е прифатливо некој политички кандидат да го третира нашиот изборен систем какo да сме земја од третиот свет и да влева недоверба во нешто толку основно како светоста на нашиот глас, изјави тогаш конгресменот. Кај нас и кај македонската дијаспора Мичел беше забележан, кога во фебруари 2018 изјави дека „никој нема да ни кажува какво би требало да биде нашето име“. Тој тогаш зборуваше за американко-македонските односи и политиката на САД кон прашањето за името наметнато од Грција. - Не треба да го менуваме името ако други го побараат тоа од нас... Секоја нација треба да си го избере името и своите права, а другите нации не треба да го спречуваат тоа – ќе зборуваме со Грците и ќе ги натераме да пораснат, изјави тогаш Мичел. - Конгресменот Мичел стоеше зад Македонија и зборуваше во одбрана на правата за самоопределување и човековите права на Македонците кога останатите во Конгресот останаа неми и гледаа како нашето име се промeни за да се удоволи Грција, изјави Мето Колоски, претседател на ОМД. Тој додаде дека „македонската заедница во Мичиген и во светот засекогаш ќе бидат благодарни на конгресменот Мичел за неговото искрено пријателство и напорите што ги правеше за заштита на нашиот идентитет“. кб/ми/

Тагови

Остани поврзан