• сабота, 23 ноември 2024

Почина Питер Хигс, добитник на Нобеловата награда за физика и „таткото“ на Хигсовиот бозон

Почина Питер Хигс, добитник на Нобеловата награда за физика и „таткото“ на Хигсовиот бозон

Лондон, 9 април 2024 (МИА) - Британскиот физичар Питер Хигс, добитник на Нобеловата награда за физика во 2013 година за неговата работа на „Хигсовиот бозон“, елементарна честичка која се смета за клучна за основната структура на материјата, почина на 95-годишна возраст, соопшти денеска Универзитетот во Единбург. .

Според Универзитетот, каде Хигс беше долгогодишен почесен професор, научникот починал вчера, мирно во својот дом, по кратко боледување.

Питер Хигс ја доби Нобеловата награда за физика во 2013 година со Белгиецот Франсоа Енглер „за теоретско откритие на механизам што придонесува за разбирање на потеклото на масата на деловите на атомот“, пишува на официјалната веб-страница на Нобеловата награда.

Тие беа наградени за пронајдокот што доведе до откритие на бозонот во 2012 година во Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) во Швајцарија.

Физичарите го сметаат Хигсовиот бозон како клуч за основната структура на материјата, елементарна честичка која им дава маса на безброј други.

„Питер Хигс беше извонредна личност, навистина надарен научник чија визија и имагинација го збогатија нашето знаење за светот околу нас“, рече Питер Матесон, директор на Универзитетот во Единбург во изјавата.

„Неговата пионерска работа мотивираше илјадници научници, а неговото наследство ќе продолжи да инспирира многу други во идните генерации“, додаде тој. ссм/

фото: архива

Остани поврзан