• среда, 25 декември 2024

Почина пистателот Михаил Ренџов

Почина пистателот Михаил Ренџов

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - На 88-годишна возраст, денеска почина македонскиот поет, прозаист и преведувач Михаил Ренџов, објави неговиот син, музичарот Петар Ренџов.

Ренџов е роден на 25 август 1936 година во Штип. Завршил гимназија во родниот град, а Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство. Бил член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија, како и прв уредник на Блесок Поезија.

Автор е на книгите Иселеник на огинот (поезија, 1965), Ноќно растење на зборот (поезија, 1967), Каде од оваа страна (поезија, 1968), На работ од сонот (поезија, 1972), Страв (поезија, 1976), Полноќ (поезија, 1979), Нерези (поезија, 1982), Аутодафе (поезија, 1985), Феникс (поезија, сонети, 1987), Земја. Потоп (поезија, 1991), Сонување патување (книга за деца, 1991), Тој (лирска поема, 1993), Шпил 33 (поезија, 1994), Вечната бесконечната (поезија, 1996), Јас оксиморон (поезија, 1998), Ангела сонува (поезија за деца, 1998), Псалми (поезија, 2000), Апокалипса (драмска поема, 2002), Раскази за Захариј (раскази, 2004). Покрај повеќето препеви, автор е на препевот на Гилгамеш, асиро-вавилонски еп (3 изданија: 1994, 1997, 2000).

Добитник е на повеќе награди меѓу кои награда на СВП за необјавена песна (1964), „Ноемвриска награда на градот Штип“ за книгата „Иселеник на огнот“ (1965), „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата „Нерези“ (1982), „Григор Прличев“ за препевот на книгата „Тиранија на сонот“ од Каролина Илика, „Прличев ловоров венец“ за поемата „Тој“ (1993), “Grand prix international” за севкупно творештво, Романија (1997), „Златно перо“ за препевот на книгата „Мудрости и горчини“ од Дритеро Аголи (1998). „Ацо Шопов“ за книгата „Јас Оксиморон“ (1999), Македонска номинација за наградата „Балканика“ (2000), „Рациново признание“ за „Раскази за Захариј“ (2004).бт/са/

Фото: МИА 

Тагови

Остани поврзан