• понеделник, 23 декември 2024

Потрошувачите да си одберат матичен пчелар, како што имаат матичен лекар, месар, фризер или стоматолог

Потрошувачите да си одберат матичен пчелар, како што имаат матичен лекар, месар, фризер или стоматолог

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) - Сертифициран, оригинален мед, полен, матичен млеч, прополис, природна козметика од мед и опрема, се само дел од производите што ги нуди Пчеларскиот саем во Скопје. 

Саемот почна денеска, а ќе трае до недела. Штандовите на производителите се поставени на Плоштадот „Македонија“ кај Камениот мост.

Пчеларите апелираат, посетителите да дојдат и да дегустираат, па ако им се допадне медот, да си одберат матичен производител. Тоа е, велат, клучно ако сакаат да бидат сигурни дека купуваат вистински мед. 

Оценуваат и дека годинава е слаба во однос на производството, но одлична според квалитетот на медот. Од поддршката што им ја дава државата се генерално задоволни, но се уште голем проболем, сметаат, се фалсификаторите.

Цената на медот се движи околу 700 денари, а саемската е 650. 

-Обично велам, посетителите да дојдат тука не за да купат, туку за да си одберат матичен пчелар. Тие мора да стекнат доверба, да знаат дека човекот од кој купуваат не прави фалсификат. Еве, нека дојдат, нека пробаат, па ако им се допадне, да си одберат матичен пчелар како што имаат матичен лекар, месар, фризер, стоматолог,... Јас кога одам на бербер не му кажувам ништо, само седнувам и тој си ја знае работата. Така е и со медот, луѓето мора да имаат доверба, тоа е најважно. Мора да знаат кој е човекот од кој купуваат и што купуваат, измама не смее да има, изјави за МИА претседателот на Пчеларската федерација на Македонија (ПФМ), Јане Марков.

Марков по професија е доктор, а пчеларството му е дополнителна дејност. Со сопругата имаат околу шест пчеларници со преку 100 пчелни семејства низ државата, во Плачковица, Македонски Брод, Валандово,..., секаде, истакнува, каде што е чисто.

-Годинава е слаба, веројатно ќе ја завршиме со по два до три килограма мед од пчелно семејство. Ништо повеќе. Беше сушно. Од почетокот тргна добро, се надевавме дека ќе има можеби по 15 килограми од пчелно семејство, но за време на пеколните горештини немаше цветови, немаше буквално ништо, па пчелите си го изедоа тој мед. Некои билки кога требаше, не замедија. Количината ќе биде мала, но квалитетот е одличен. Само 15-16 отсто влага има во медот, што значи дека е многу квалитетен, објасни Марков. 

Според него, секој што ја намалува цената, а тоа не е рентабилно, сигурно интервенирал во медот.

-Медот во маркетите каде цените се ниски, мислам дека е од Кина. Кинезите 60 години вршеле селекција за производство на пчели кои произведуваат матичен млеч. Тие се, всушност, насочени кон матичен млеч и вадат по 10 килограми од пчелно семејство по сезона. Тоа е човек навистина да се чуди, а медот го произведуваат „по пат“ и го продаваат буквално по еден долар, смета претседателот на ПФМ.

Интересот за пчеларење кај помладите, вели, се намалува.

-Едно време имаше голем интерес за семејно одгледување пчели, но како што се намалува количината на медот, голем број ќе почнат да се занимваат со оваа дејност, па им поминува меракот. За да почне човек да заработува треба трпение, зашто мора да поминат години. Просекот за медот не се пресметува само од една година, туку за десетгодишен период, а некогаш има, некогаш нема производство. Климатските промени си го правата своето, оценува Марков.

Во врска со дивите препродавачи, нагласува дека тие и не се толку голем проблем, колку што се фалсификаторите.  Го продаваат по 300 денари, прават голема заработка, а ставаат, на пример, и чиста гликоза. Се уште се најбројни, како што вели Марков, по патиштата, главно во кичевскиот крај.

Пчеларски саем се организира шеста година по ред од Пчеларската федерација на Македонија, главен покровител е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а домаќин е Градот Скопје. мч/нд/

фото: Дарко Попов

Тагови

Остани поврзан