• сабота, 23 ноември 2024

Потребно итно професионализирање на дипломатската служба, порача Советот на амбасадори во реакцијата за приведениот дипломат

Потребно итно професионализирање на дипломатската служба, порача Советот на амбасадори во реакцијата за приведениот дипломат
Скопје, 5 септември 2021 (МИА) - Советот на амбасадори денеска излезе со реакција во врска со приведениот македонски дипломат на границата со Србија, при што наведе дека во име на професионалните и етички стандарди и критериуми, ја изразува својата разочараност во врска со информацијата за меѓународната истрага врз дипломат од МНР и други лица кои во моментов не се во активна дипломатска служба. -Како Здружение на граѓани кое во својот состав вклучува поранешни угледни дипломати од највисок ранг, Советот на амбасадори укажува дека оваа нерешена загатка кај македонската инертна и нереформирана дипломатска служба, не оди во прилог на меѓународниот углед на нашата држава, дури, дополнително го оптоварува и нашиот интегративен процес во ЕУ, се наведува во реакцијата. Советот на амбасадори потенцира дека постојано укажува на обврската на македонското МНР (што со години се одолговлекува) дека единствен начин дипломатската служба успешно да придонесува во позитивните активности за подобро позиционирање на нашата држава на меѓународната сцена, е таа во брз рок да се професионализира и да се осовремени во нејзиното работење според меѓународните стандарди. -Советот на амбасадори смета дека и за носителите на врвните функции во македонското МНР и во надлежните институции на државата, ако се потврди дека Министерството и институциите не реагирале професионално и навремено во аферата со македонскиот дипломат и издадената меѓународна потерница од Ерменија, ова е сериозен морален и етички предизвик за нив пред судот на јавноста, се додава во реакцијата. ац/бак/

Остани поврзан