• петок, 30 јануари 2026

Потпишан меморандум за „Агромак 2026“, Куманово ќе биде домаќин на меѓународна агро-научна конференција

Потпишан меморандум за „Агромак 2026“, Куманово ќе биде домаќин на меѓународна агро-научна конференција

Куманово, 29 јануари 2026 (МИА) - Комората на органски производители и Фондацијата за култура од Куманово, денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализација на втората меѓународна научна агро-бизнис конференција „Агромак 2026“ која ќе се одржи во Куманово од 2 до 4 април, годинава. Меморандумот го потпишаа претседателот на комората, Драган Цветковиќ и директорката на Фондацијата, Сања Давидовиќ.

Годинашнава тема е насловена „Локални ресурси и глобални предизвици: интегрирани пристапи кон одржлив рурален развој во ерата на климатските промени“. Организатори на конференцијата се Комората на органски производители на Македонија (КОП) и партнери.

- Интересот на младите за развојот на селото, современите аграрни трендови и науката не може да се мери исклучиво преку бројот на запишани ученици и студенти во средните и високошколските образовни институции. Тоа многу повеќе се гледа во внатрешната љубопитност за истражување и создавање, во просторот што им овозможува на младите да се запознаат со тематиката, да експериментираат, да иновираат и да поставуваат прашања, како и во можностите за директна соработка со нивните наставници, професори и научници. Подеднакво важна е и подготвеноста на државата и институциите да ја препознаат и системски да ја поддржат таквата енергија и иницијатива, изјави претседател на организацискиот одбор на Агромак и на Комората на органски производители на Македонија (КОП), Драган Цветковиќ.

Втората агро-научна конференција е можност за средба меѓу науката и практиката, простор за дијалог и заедничко учење, како и платформа за интерактивна работа со младите и производителите. Преку отворена комуникација и размена на знаења, ваквите настани придонесуваат науката да стане разбирлива, блиска и препознаена како вистински сојузник во одржливиот развој.

- Една од нашите клучни општествени задачи е науката да ја доближиме до земјоделието и до младите на начин што е разбирлив, применлив и животно релевантен. Науката не смее да биде доживувана како нешто далечно и недостапно, како свет на лаборатории и формули затворен сам во себе. Напротив, земјоделската наука мора да биде живо поврзана со полињата, селата и луѓето, насочена кон решавање на реалните предизвици со кои секојдневно се соочуваат земјоделците, земјоделските стопанства и руралните заедници, објасни Цветковиќ.

Тој кажа дека досега се пријавени 150 научници и професори од различни институти, оценувајќи дека станува збор за релевантен собир областа на аграрот и сродните научни дисциплини, потсетувајќи за успешноста на првата научна конференција која се одржа, лани во Свети Николе. ам/вј/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан