• среда, 25 декември 2024

Потпишана Програма за соработка во областа на културата меѓу Северна Македонија и Унгарија

Потпишана Програма за соработка во областа на културата меѓу Северна Македонија и Унгарија
Скопје, 12 мај 2021 (МИА) - Министерката за култура Ирена Стефоска и унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто, кој е во работна посета на земјава, денеска потпишаа Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за човечки ресурси на Унгарија за периодот 2021 – 2023 година. Потписниците на Програмата се заложија во периодот што следува, Република Северна Македонија и Унгарија да ја поддржат соработката во областа на културата и да придонесат за засилување на нејзината улога во своите земји, а да се направат и напори за интензивирање на соработката меѓу институциите и здруженијата. Од Министерството за култура информираат дека со Програмата за културна соработка се предвидени активности и комуникација во сите дејности на културата. Заемна и директна соработка е предвидена и меѓу институциите од областа на визуелната и применетата уметност, фотографијата, дизајнот, архитектурата, уметноста на новите медиуми. Исто така, превидено е и засилување на соработка меѓу авторите, преведувачите и релевантните организации и здруженија од областа на литературната и издавачката дејност. Со Програмата, според Министерството, ќе се поттикнува развој на соработката и во филмската, телевизиската, видеопродукциската и во дистрибутивната индустрија, и посебен акцент ќе биде ставен на соработката во заштитата на културното наследство, преку директни контакти на сродните институции, како: музеите, галериите, библиотеките, конзерваторските центри и други професионални организации кои се занимаваат со заштита и истражување на културното наследство. - Република Северна Македонија и Унгарија традиционално негуваат добри односи во областа на културата. Двете држави имаат меѓуинституционална соработка и во библиотечната дејност, а НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје има потпишано договори за соработка со Националната библиотека Сечењи и со Националната библиотека за странска литература во Будимпешта. Значајна е соработката и меѓу Националната опера и балет на Република Северна Македонија и Унгарската државна опера, кои, со посредство на Амбасадата на РСМ во Будимпешта, се во директен контакт за гостување на Националната опера и балет на сцената во театарот „Eiffel“ во Будимпешта во 2022 година со претставата „Игри на животот“, се наведува во соопштението на Министерството за култура.фф/са/

Остани поврзан