• сабота, 21 декември 2024

Постигнат консензус на Самитот на шефовите на дипломатиите на државите-соседи на Авганистан

Постигнат консензус на Самитот на шефовите на дипломатиите на државите-соседи на Авганистан
Пекинг, 1 април 2022 (МИА) – Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, денеска на Третиот состанок на шефовите на дипломатиите на државите-соседи на Авганистан што се одржува во кинескиот град Тунгси предложи сите држави да ги поддржат напорите на Авганистан на патот кон самодоверба, напредок и мирен развој. По состанокот објавено е заедничко соопштение во кое се поддржува економска реконструкција и се уредува идна конкретна соработка со Авганистан. На средбата е најавена иницијатива за воспоставуавање редовен механизам за соработка со Авганистан на ниво на специјални пратеници, како и формирање три работни групи за соработка - за политички и диппломатски прашања, економија и хуманитарни прашања, како и во областа на безбедноста и стабилноста. Во име на учесниците Ванг Ји претстави осум точки по кои била постигната согласност на собирот во Кина, од кои првата е почитување на авганистанската независност, суверенитет и територијален интегритет. Втората ги потврдува напорите на авганистанската привремена влада во управувањето изминатите шест месеци, со повик до авганистанската страна да постигне национално помирување преку дијалог и консултации. Третата точка изразува сериозна загриженост за терористичките активности во земјата. Четвртата точка е насочување внимание кон сериозните хуманитарни прашања во Авганистан и давање хуманитарна помош за авганистанскиот народ, додека со петтата се повикуваат сите страни да учествуваат во контактите и дијалогот со Авганистан за да се поддржи економскиот и општествениот развој во земјата. Шестата точка ги прозива САД и западните земји да се придржуваат кон примарната одговорност во обновата и развојот на Авганистан и враќање на имотот на авганистанскиот народ. Со седмата точка се поддржуваат ОН во промовирањето мир и стабилност во земјата, додека осмата точка предвидува продолжување на единствената улога што ја има механизмот на специјалните пратеници за Авганистан од соседните земји. аб/

Тагови

Остани поврзан