• понеделник, 23 декември 2024

Последните епизоди од „Круна“ на Нетфликс

Последните епизоди од „Круна“ на Нетфликс

Лондон, 15 ноември 2023 (МИА) - Популарната драма на Нетфликс за животот на кралицата Елизабета Втора, „Круна“ продолжува со 10 епизоди. Имено, шестата и последна сезона од ТВ-серијата ќе се емитува во две етапи - пет епизоди ќе се прикажуваат од утре - четврток, а останатите пет од 14 декември.

Главниот заплет во последната сезона ќе биде настанот од 31 август 1997 година, што ја потресе британската монархија кон крајот на 20 век - смртта на Дијана, „принцезата од народот“, како што во една прилика ја нарече поранешниот британски премиер Тони Блер, кој има свое место во следните епизоди.

Кралското семејство никогаш јавно не коментираше за серијата, но фактот што сѐ натаму ќе се плете околу смртта на Дијана и нејзиниот „дух“ - веќе ги разбуди духовите во Кралството. Создавачот на серијата Питер Морган негираше дека Дијана ќе биде „дух во традиционална смисла“, туку „таа продолжува да живее во главите на оние што ги остави зад себе“, истакна тој за „Варајети“ (Variety).

Со претходните сезони, „Круна“ предизвика контроверзии околу инсинуациите дека кралицата и нејзиниот сопруг Филип биле неверни еден кон друг, или дека синот им Чарлс сакал неговата мајка да абдицира. Сѐ тоа предизвика лавина негативни реакции, па Нетфликс мораше да додаде назнака на серијата дека приказната е фикција, т.е. делумно измислена.

Фотографот Артур Едвардс, на пр., кој го следел кралското семејство 40 години, е меѓу најжестоките критичари.

- По две сезони „немав стомак“ да ја гледам серијата поради измислиците. Она што навистина ме лути е ужасниот начин на којшто е прикажан принцот, нашиот сегашен крал, изјави тој за „Сан“.

Лора Кленси, стручњак за медиуми на Универзитетот Ланкастер, се согласува дека серијата е предизвик за монархијата, бидејќи е популарна, но вели оти тоа не е нужно негативно.

- „Круна“ е секако клучен културен контекст кон којшто публиката се свртува за да ја разбере современата британска монархија, рече таа во една прилика.

Принцезата Дијана се здоби со слава ширум светот по нејзината вклученост во работата со пациенти со СИДА и жртви на нагазни мини. А, 25 години по нејзината смрт сеќавањата за неа опстојуваат делумно и затоа што „омразената“ втора сопруга на кралот Чарлс, Камила сега е кралица на Велика Британија.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан