• вторник, 24 декември 2024

Пораст на малолетничка деликвенција во Кочани во текот на изминатата година

Пораст на малолетничка деликвенција во Кочани во текот на изминатата година
Кочани, 23 февруари 2022 (МИА) – Во текот на минатата година во кочанскиот регион се регистрирани 62 кривични дела кои ги извршиле малолетни лица, што претставува пораст од околу 30 отсто. Според податоците од Одделението за внатрешни работи во Кочани, скоро сите кривични престапи што ги извршиле деца и постари малолетници се кражби и тешки кражби, во три случаи имало насилство и полов напад врз друго дете, а останатите се разбојништво, одземање моторно возило, напад и спречување службено лице на работна задача. - Кај организираниот криминалитет и недозволената трговија со дрога и оружје, еден малолетник е регистриран како извршител на кривично дело, а четири деца биле вклучени во економски криминал и непостапување според здраствените прописи за време на епидемија. Најголем број од извршените кражби се со вредност поголема од половина просечна плата или пак кражби во кои е користена сила, совладување препреки или други видови на насилно делување врз објектите или предметите што биле предмет на кражбите. Откриено е дека пет деца под четиринаесетгодишна возраст повторно сториле кривични дела, се истакнува во писмената информација од Одделението за внатрешни работи - Кочани. Заради поефикасно и превентивно дејствување и спречување на девијантното однесување на децата, Одделението за внатрешни работи за 14 малолетници доставило известувања со податоци до Центарот за социјална работа во Кочани, со барање за постапување и преземање заеднички мерки. Во текот на минатата година евидентирани се 32 малолетни лица како прекршители на Законот за јавниот ред и мир, Законот за возила и Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, главно за физички напад и за управување моторно возило без возачка дозвола и без заштитна опрема.та/свс/

Остани поврзан