• понеделник, 23 декември 2024

Поранешниот руски министер за одбрана Шојгу во посета на Кина

Поранешниот руски министер за одбрана Шојгу во посета на Кина

Пекинг, 12 ноември 2024 (МИА) - Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска во Пекинг треба да се сретне со поранешниот руски министер за одбрана Сергеј Шојгу, сега секретар на рускиот Совет за безбедност, на разговори за војната во Украина.

Кина, чии врски со Русија се гледаат со сомнеж од Западот бидејќи никогаш јавно не ја осуди Москва за нејзината инвазија на Украина, вели дека разговара со сите страни и ја игра улогата на посредник.

Средбата меѓу Ванг и Шојгу ќе се одржи откако Северна Кореја утрово го ратификуваше билатералниот одбранбен договор со Русија, со што се запечати нивното зближување во позадина на војната во Украина.

Овие околности ја ставаат Кина во непријатна ситуација, бидејќи азискиот гигант е важен дипломатски партнер и на Москва и на Пјонгјанг, додека Западот споменува дека припадниците на севернокорејската армија се подготвени да заминат во Украина.

-Ванг ќе се сретне со Шојгу за стратешки безбедносни консултации, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан.

Според него, тие ќе разговараат за „главните прашања во врска со стратешките безбедносни интереси на двете земји и зајакнувањето на меѓусебната доверба“. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан