• понеделник, 23 декември 2024

Поранешна службеничка на ЦИА обвинета дека била таен агент на јужнокорејското разузнавање

Поранешна службеничка на ЦИА обвинета дека била таен агент на јужнокорејското разузнавање

Вашингтон, 17 јули 2024 (МИА) - Поранешната службеничка на ЦИА и висок функционер во Советот за национална безбедност Сју Ми Тери е обвинета дека служела како таен агент на јужнокорејската разузнавачка служба, соопшти денеска американското Министерство за правда.

Според обвинението на федералниот суд во Менхетен, Сју Ми Тери добила скапи работи, вклучувајќи луксузни чанти и скапи вечери во суши ресторани во замена за лобирање на позициите на јужнокорејската влада за време на настапите во медиумите.

Во обвинението, исто така, се наведува дека споделувала доверливи информации со разузнавачки службеници и им дозволувала на јужнокорејските службеници пристап до претставници на американската влада. 

Таа, исто така, призна пред ФБИ дека служела како извор на информации за јужнокорејското разузнавање, вклучително и пренесување рачно напишани белешки од состанокот во јуни 2022 година на кој учествувала со државниот секретар Ентони Блинкен за политиката на американската влада кон Северна Кореја.

Обвинителите тврдат дека јужнокорејското разузнавање, исто така, тајно и платило повеќе од 37.000 долари за програма за јавна политика што Тери ја контролираше, а се фокусираше на корејски прашања.

Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја денеска соопшти дека не е соодветно да се коментира случај кој е во судска постапка во странска земја.

Нејзиниот адвокат, Ли Волоски, во изјавата наведе дека „обвинувањата се неосновани и ја искривуваат работата на научник и аналитичарка позната по нејзината независност и годините на служба во САД“.

Тери служеше во органите на власта од 2001 до 2011 година, прво како аналитичарка на ЦИА, а подоцна како заменик национален разузнавач за Источна Азија во Националниот разузнавачки совет, пред да работи за различни тинк-тенкови, вклучувајќи го и Советот за надворешни односи. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан