• понеделник, 23 декември 2024

Поранешен премиер на Малта, Мускат официјално обвинет за корупција

Поранешен премиер на Малта, Мускат официјално обвинет за корупција

Валета, 28 мај 2024 (МИА) – Обвинителството на Малта денеска официјално подигна обвинение поради корупција, перење пари и злосторничко здружување против поранешниот премиер Џозеф Мускат, неговиот шеф на кабинет Кијт Шембри и поранешниот министер за здравство Конрад Мици. Сите обвинети тврдат дека не се виновни.

Пред зградата на Обвинителството стотици приврзаници на Мускат го скандираа неговото име во знак на поддршка.

Се очекува утре да бидат подигнати полесни обвиненија против поранешниот вицепремиер Крис Фарн и гувернерот на Централната банка на Малта, Едуард Шиклуна, кој во 2015 година беше министер за финансии.

Обвиненијата против Мускат уследија неколку недели по завршување на четиригодишната истрага на активистичката група за владеење на правото „Република“. Истрагата открила неправилности во начинот на кој владата на поранешниот премиер постапувала со договор за управување со три болници вреден четири милијарди евра.

Една од истрагите на убиената новинарка Дафне Каруана Галиција беше договорот за управување со болниците. Таа беше убиена во експлозија на автомобил-бомба во 2017 година. Мускат поднесе оставка од функцијата премиер во јануари 2019 година, откако медиумите открија дека тој и Шембри биле поврзани со Јорген Фенех, бизнисмен кому се очекува да му се суди за соучество во убиството на Каруана Галиција. Засега, Мускат и Шембри не се поврзани со убиството на новинарката. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан