• понеделник, 23 декември 2024

Гир: Со визија, обединетост и истрајност Северна Македонија ќе го заземе своето место на земја членка на ЕУ

Гир: Со визија, обединетост и истрајност Северна Македонија ќе го заземе своето место на земја членка на ЕУ

Скопје, 9 мај 2023 (МИА) - Денот на Европа е поглед кон иднината, обновување на обврската за тоа каква ЕУ сакаме, Европа на вредности и иновации, Европа која ги вклучува младите луѓе која е конкурентна и отпорна. Северна Македонија е на добар пат да биде дел од оваа визија со членство во ЕУ, откако ги отвори пристапните преговори минатиот јули. Патот е отворен, а задачите се јасни, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир на одбележувањето на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

-Убеден сум дека со визија, обединетост и истрајност, Северна Македонија ќе може да си го заземе своето место на земја членка на ЕУ. Ние сакаме да сте дел од нас, нашите визија е иднина заедно, нагласи евроамбасадорот.

Гир посочи дека улогата на ЕУ е уште поважна додека се одвива војната на Русија против Украина. ЕУ и нејзините истомисленици, како што рече, одговорија на агресијата со неверојатна решеност и единство.

-Северна Македонија покажа неверојатно водство и неверојатно лидерство со поддршката што ја даваше за Украина и сакаме да ја поздравиме за тоа додека истовремено ја поздравуваме и храброста на украинскиот народ и оддаваме почит на мажите и жените кои се жртвуваа во Втората светска војна за да го победат фашизмот, рече Гир.

Заменик-амбасадорот на Амбасадата на САД Ерик Мајер се осврна на руската агресија врз Украина, нагласувајќи дека такво безумно непочитување на човечките животи не може да биде оправдано со ништо. 

-Да се каже дека дел од она што Русија денес го прави во Украина е некако поврзано со поразување на фашизмот е лага. Тоа е огромно искривување на историјата и е срам, но непочитување на луѓето на кои денес им оддаваме почит. За жал, руското лидерство одлучи да оди по овој погрешен, незаконски деструктивен пат, а Европа ќе продолжи да биде сигурна во својата одбрана на територијалниот интегритет на Украина и нејзиното право да одлучува за својата иднина во заедница на мирољубиви нации. Одлучноста на оние кои се бореа и на крај го поразија фашизмот пред 78 години беше катализаторот што создаде стабилна, европска заедница, цврста НАТО алијанса и безбедност за стотици милиони луѓе вклучително и двата милиони тука во Северна Македонија, посочи Мајер.

Затоа, додаде, денес им оддаваме почит и мора да продолжиме да ја почитуваме нивната оставштина со тоа што ќе одбиваме да потклекнеме кога ќе се соочиме со закани по демократските начела и самоопределување. 

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на свеченото одбележување испрати порака за обединување околу вистинските европски вредности како единствен предуслов за иднината.

-Гордо се сеќаваме и даваме почит на борците кои ги бранеа своите држави и светот од најголемото зло на минатиот век, фашизмот,. Нивното дело не обврза да останеме на страна на европските и вистинските вредности, негувајќи ги слободата, толеранцијата, демократијата и дијалогот како светост. Тоа не држи во блиски односи со нашите европски партнери, стратешки сојузници со кои заедно потврдуваме дека европскиот пат на Северна Македонија е најдобриот начин за зачувување на оние вредности кои не ставале на страната на правдата и победата, истакна Маричиќ.

Не случајно, посочи тој, Денот на Европа го чествуваме заедно со Денот на победата како успешен проект на долгорочен мир меѓу земјите во Европа.

-Денес после повеќе од седум децении ни е потребно солидарност и храброст да си подадеме рака за теми и прашања кои им значат на граѓаните како што се мирот, стабилноста, демократијата, социјалниот и економскиот развој. Имаме добра основа и право да продолжиме понатаму со надминување на предизвиците во  овој процес да дадеме шанса, фокусот и визијата да бидеме членка до 2030 да биде реалност. Наша должност е да ја реализираме идејата на нашите предци и да ја пренесеме на нашите потомци, да создаваме, да напредуваме, да прифаќаме европски стандарди и да ги живееме европските вредности. Европа припаѓа на нашиот регион и нашиот регион припаѓа во Европа, порача Маричиќ.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби нагласи дека пред нас имаме прилика да покажеме храброст и лидерство сите да се обединиме за нашето членство во ЕУ.

-Нашата Влада има лидери кои се подготвени да зборуваат за помирување и сето тоа во корист на иднината на нашата земја. Сите да се обединиме, да се помириме и да работиме за иднината на нашата земја, рече Груби.

Потпретседателот на Сојузот на борците од НОАВМ (1941-1945) Наум Буревски испрати порака да го сочуваме мирот и да развиваме заедништво, како и еднакво да се бориме против подмолните апетити на денешната светска глобална политика.

-Вековниот сон на борците се исполни, направија сопствена држава, а ние помладите генерации без разлика на партиска, национална, верска припадност да го сочуваме мирот и да развиваме заедништво, еднакво да се бориме против подмолните апетити на денешната светска глобална политика. Затоа што ова е единствена наша матична држава. Опција на Сојузот на борци е што поскоро влегување во ЕУ туку Европа без граници, нагласи Буревски. мс/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан