Порака од директорката на КОВЗРГ Оливера Трајковска по повод Меѓународниот ден на жртвите на холокаустот
- Директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска денеска по повод 27 Јануари Меѓународниот ден на жртвите на холокаустот упати порака до еврејската заедница во земјава.
Скопје, 27 јануари 2025 (МИА) - Директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска денеска по повод 27 Јануари Меѓународниот ден на жртвите на холокаустот упати порака до еврејската заедница во земјава.
- Денеска, на 27 јануари - Меѓународниот комеморативен ден на жртвите на Холокаустот, се потсетуваме на познатата изрека на јазикот на сефардските Евреи-ладино „Sin Memoria No Ay Avenirа" или „Без сеќавање нема иднина“. Никогаш нема да ги заборавиме шест милиони човечки животи загубени во виорот на темните сили на историјата меѓу кои беа и 7144 македонски Евреи, депортирани во кобната 1943 година во логорите на Треблинка. Од овие логори на смртта немаше ниту еден преживеан, пишува таа во пораката.
Сеќавајќи се на нив и почитувајќи го нивниот спомен, додава Трајковска, потребно е да се грижиме за нашата сегашност и нашата иднина и непроценливата вредност на еден човечки живот. Постојано да имаме на ум дека човечкиот живот е бесценет и дека сите сме одговорни за животот на другиот, без оглед на неговата верска или етничка припадност.
-Македонија постигна конкретни резултати во областите на сеќавањето на Холокаустот, образованието и истражувањето, како и во борбата против антисемитизмот и негирањето на Холокаустот. Овие меѓународно признати достигнувања се само поттик и понатаму да продолжиме на овој пат и никогаш да не забораваме, дека темнината е немоќна во присуство на светлината, вели претседателката на КОВЗРГ Оливера Трајковска во пораката по повод Меѓународниот ден на жртвите на холокаустот. сст/са/
фото МИА архива