• сабота, 21 декември 2024

„Порака наша“ распиша конкурс за ангажман на негуватели на стари и немоќни и лица со попреченост

„Порака наша“ распиша конкурс за ангажман на негуватели на стари и немоќни и лица со попреченост
Куманово, 16 септември 2022 (МИА) - Здружението Регионален центар „Порака наша“ распиша конкурс за ангажман на лиценцирани негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост во рамките на проектот „Ублажување на ефектите и последиците од Ковид-19 на најранливите категории во општеството со посебен фокус на постари лица и лица со попреченост“, соопштија денеска од здружението.
Заинтересираните можат да аплицираат до 20 септември годинава. Тие треба да имаат над 18 години, да бидат лиценцирани негуватели со стекнат сертификат од Црвен крст, да се македонски државјани и да бидат мотивирани за работа со стари и немоќни лица, како и лица со попреченост.
- Конкурсот е објавен во рамките на сервисот за домашна нега во домашни услови во кој негувателите пружаат нега на две таргет групи-лица со попреченост и стари лица во нивните домови во општина Куманово. Сервисот почна со работа во февруари и веќе успешно функционира во Куманово, опфатени се рурални и градски средини. Имаме 32 корисника меѓу кои лица со попреченост и постари лица на коишто добиваат бесплатна нега во нивните домови, изјави психологот во „Порака Наша“, Мартина Костовска. Искуството на „Порака Наша“ покажува дека во најголемата општина во државата има сериозна потреба од негуватели на стари и немоќни и на лица со попреченост. Ангажираните пружаат психосоцијална поддршка, помош во борба против осаменоста преку друштвени и забавни активности, грижа за безбедноста на корисникот и помош во извршување на основните секојдневни активности, од пазарување и помош при облекување, па сè до помош при управување со буџетот, плаќање на сметки и посета на лекар. – Моментално имаме предвидено буџет за осум лиценцирани негуватели, понатаму се надеваме дека ќе се зголеми. Има голем број заинтересирани граѓани кои сакаат да влезат во сервисот, но за жал, капацитетите се такви. Една негувателка пружа нега на седум до осум корисника, се менуваат во текот на денот зависно од потребите на корисниците. Во рамките на проектот имаме обезбедено возило. Имаме најавено дека обуката започнува од октомври во Црвен крст така што би апелирале да се пријават, изјави Костовска. Проектот „Ублажување на ефектите и последиците од Ковид-19 на најранливите категории во општеството со посебен фокус на постари лица и лица со попреченост“ финансиски е поддржан од австриското министерство за труд и социјални работи, а се имплементира во соработка со австрискиот Црвен крст, со Црвен крст и општинската организација на Црвен крст од Куманово. ам/сст/

Остани поврзан