• понеделник, 23 декември 2024

Поправката на чевли сè уште барана меѓу кумановци 

Поправката на чевли сè уште барана меѓу кумановци 

Куманово, 10 ноември 2024 (МИА) - Нема ниту пладне, работен ден, а кумановци забрзано влегуваат во дуќанот за поправка на чевли. Некој бара да му се замени дотраениот ѓон, друга да се стави висока потпетица. Занаетчијата Александар Масевски веќе 25 години поправа чевли во дуќанот, сопственост на семејството. Тој е втора генерација и заеднички со брат му ја продолжуваат семејната традиција на поправка на чевли. Ретки се во градот, познат по производство на чевли кој сè уште се занимава со поправка.

Во ера на современо производство, кумановци поправаат чевли, некои заради сентиментална вредност, други, бидејќи сакаат поинаков модел, посовремен, за прилично помалку пари отколку што е потребно за да се купи нов.

- Втора генерација сум и веќе 25 години работам. Интересен е занаетот. Секојдневно имаме различни ситуации, поправки. Понекогаш имам и потешки задачи, како и секоја работа, вели Масевски.

Масевски завршил средно во стручното училиште „Перо Наков“, насока кожарски техничар. Веднаш се вклучил во работата и оттогаш не престанал.

- Најлесна е трговијата. Ние вложуваме повеќе труд во ова за да се заработи. Има и добри и исполнувачки процеси, има и оние кои се малку потешки, потенцира Александар.

Клиентите се различни и генерациски и по однос на барањата. Во дуќанот мајсторите поправаат се, и евтини чевли и брендирани парчиња кои чинат мало богатство.

- И дотраените чевли што се од вистинска кожа можат убаво да се репарираат и да се направат, да изгледаат буквално како нови. Во некои ситуации сме имале презадоволни муштерии кои добиле раритетен пар чевли кои прават биле купени пред неколку децении. Повозрасните носеа на поправка и чевли кои не се лепени, туку се правени со чивии, посебен материјал кој бара и макотрпна работа. Сега е полесно, имаме машини, раскажува Александар.

Дневно во дуќанот поминуваат и до дваесетина луѓе. Масевски објаснува дека како и за секоја работа, така и во неговиот занает, најважно е да се вложи труд и соодветен материјал. Може добро да се живее од занаетот, додава тој. Во зависност од сезоната можно е да има во одреден период повеќе чевли, чизми или сандали.

- Младите поправаат патики. Некои се навистина скапи. Поправаме и брендирани парчиња, одредени продукти произведени во странство за кои клиентите платиле и илјада евра за пар, обично понежниот пол носи за поправка такви чевли. Поправаме и чанти. Во моментов имаме поправка на таква рачно изработена кожна чанта. Има чевли произведени од различни материјали. Можеби најдобра е од Италија. Но поправаме и чевли кои чинат и двеста денари, вели Александар.

Куманово е чевларски град и занаетчијата успева да најде соодветна кожа и друг материјал за работа, но често набавуваат и од соседните земји и градовите од државата од колегите.

- Драстично се зголемени цените особено на материјалите кои се увезуваат, особено за патиките каде се потребни специјални лепила. Први сме во градот кои имаме специјални машини за перење и сушење на патики, заради сè поголемата потреба на клиентите кои купуваат скапи патики и модели и не се осмелуваат самите да ги исперат патиките. Ние овозможуваме и хемиско чистење, вели Масевски

Масевски и неговиот татко и брат повремено изработуваат и готов производ за немоќните, болните лица кои не можат да се движат, изработуваат и чевли број 52 кои ретко се наоѓаат во продавници. Кожните чевли ако добро се одржуваат може да се носат повеќе од три години, ако се користат спрееви и креми, претходно добро исчистени од прашина.

Куманово е познат чевларски град, муштерии има и од други градови. Преку занаетчиската комора Александар учествуваат и на саеми во други земји каде дополнително се едуцира за својот занает.

Александра Максимовска

Фото: МИА

 

Остани поврзан