• сабота, 23 ноември 2024

Поповски: Со АСНОМ е конституиран државниот суверенитет на македонските народ

Поповски: Со АСНОМ е конституиран државниот суверенитет на македонските народ

Охрид, 2 август 2024 (МИА) – АСНОМ претставува практично прво официјално укажување дека Македонија стапна на полето на национална држава, иако како федерална единица во рамки на југословенската федерација, сепак со атрибутите на нова балканска држава. Во секој случај, АСНОМ претстава прво историско основање на македонската државност. Тоа денеска го посочи проф. д-р. Владо Поповски на неговото предавање одржано во Куќата на Уранија – МАНУ во Охрид, во рамки на активностите на Академијата насочени кон одбележувањето на 80 години од АСНОМ.

Во рамки на неговото излагање за важноста на АСНОМ во формирањето на македонската држава, Поповски посочи дека после долги историски перипетии, порази и повторно обиди, токму со АСНОМ за првпат успешно се дефинира македонската држава.

Зборувајќи во контекст на историскиот континуитет на борбата на македонскиот народ за создавање своја држава, Поповски во обраќањето пред присутните посочи дека АСНОМ има и своја историја, дека на АСНОМ му претходеа многу настани, притоа обидувајќи се да одговори на прашањето дали АСНОМ и неговите одлуки се случајни и единствени во македонската историја.

-  АСНОМ не е конструкција без корен во историјата, туку резултат на континуирана борба во областите на географска Македонија, почнувајќи од периодот на источната криза од 1875 до 1880 година, кога беше поставено прашањето за постоењето национална група во Македонија и за формирање на македонска државност, рече Поповски кој истакна дека уште во неговата докторска дисертација се обидел да покаже и, како што рече, успеал да докаже дека Македонската национална и државотворна историја не почнала со Илинденското востание и почетокот на 20 век, туку дека истата влече корени уште од Кресненското востание.

Според Поповски, одлуките на АСНОМ не се случајни, туку се алка во националната и државотворната историја на македонскиот народ.

- Не е случано одбран 2 август за датум на одржувањето на АСНОМ, туку тоа е поврзано со Илинденското востание за да се покаже дека генерацијата од 44 е свесна за значењето на востанието од 1903, дека таа идеја на Македонците уште порано имале визија за да создадат своја држава...., рече меѓу другото Поповски.

Уште со одлуките од АВНОЈ од 1943 година веќе се утврдени претпоставките за создавањето македонска држава во текот на Втората светска војна и, како што рече, Македонија се ориентира кон создавање Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, токму на 2 август 1944 година во Прохор Пчињски.

Поповски зборуваше и за обидите на македонската делегација на средбата со Јосип Броз Тито на Вис да се укаже на интересот на Македонците при формирањето на новата држава да се работи на обединувањето на сите три нејзини делови, но оти одговорот на југословенското раководство бил дека прашањето треба да биде покренато токму од Македонците од Егејско и Пиринско, што практично, како што рече Поповски, по сите знаци покажало дека југословенскиот лидер апсолутно се сомневал во таа идеја...

На денешната средба беше уште најавено беше дека во октомври во МАНУ ќе биде организиран поголем научен симпозиум со Институтот за национална историја посветен јубилејот 80 години од АСНОМ, на кој ќе се дискутира за неговата важност во државно-правната историја на македонската држава, што е направено, како и за тоа кои се предизвиците што се исправени пред современата македонска држава. аб/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан