• вторник, 26 ноември 2024

Цветин подари уметнички слики на Дневниот центар за лица со церебрална парализа во Капиштец

Цветин подари уметнички слики на Дневниот центар за лица со церебрална парализа во Капиштец

Скопје, 19 јуни 2024 (МИА) - Македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски–Цветин подари уметнички слики на Дневниот центар за лица со церебрална парализа во населбата Капиштец во Скопје. Со ова, во просториите на овој центар, што се наоѓа во општинското основно училиште „Киро Глигоров“ е отворено „Цветиново катче на мирот и хуманоста“.

-Со ваков тип активности, настојувам да ја проследиме пораката за мир и за хуманост во земјава и во светот. Сите нам ни е потребен мирот, но на овие деца со посебни потреби им се потребни и внимание и нега. Хуманоста и мирот мора да ги победат силите на лошото. Затоа, јас со моите пријатели – уметници, поети, творци, хуманитарци, глумци – постојано создаваме и креираме пораки да надвладее мирот и да се зачува планетата Земја, изјави Живко Поповски – Цветин.

Професор д-р Милорад Јовановски од Градежниот факултет и добитник на Цветиновата награда за мир, исто така, го поддржа Цветин при реализација и на оваа активност, истакнувајќи дека хуманоста е двигател на човекот и дека оваа категорија млади лица има потреба од поддршка од секој човек.

-За миг им го разубавивме денот, за миг им покажавме дека не се заборавени и дека некој се грижи за нивната благосостојба. Навистина, респект за сите што придонесуваат кон тоа на овие деца да им се подобри животот, вклучувајќи го и Цветин кој, на секој начин и со сите сили, настојува да го разубави и „расцвета“ просторот каде што престојуваат, посочи Јовановски.

Како што информираше Поповски Цветин, деновиве ќе биде отворено Цветиново катче на мирот и хуманоста и во дневниот центар за лица со попреченост „Порака“ во Капиштец. Тој минатата недела организираше и хуманитарен настан со подарување слики, акрил на хамер. На настанот, писателот Александар Прокопиев ја истакна важноста на хуманоста и на човечноста, читајќи хаику-поезија и повикувајќи ги сите да се приклучат во движењето на Цветин. Овој македонски уметник е кандидат за Нобеловата награда за мир.

На овој настан поезијата читаа и Горан Анчевски, Ванѓа Радевска, Драгица Пандиловска, Лилјана Стоилкова, Лидија Лучко Јеремиќ, Мендо Димовски, Билјана Челик и Миле Јовановски – Поречанец. На настанот беа изложени грнчарски елементи од најмалиот етно музеј во светот и беа пуштени три балони за мир и хуманост во светот.бт/са/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан