Попладнево пробиен патот кон селото Герман, Кривопаланечко
- Големите снежни наноси високи и до еден метар на регионалниот пат Општина Ранковце – село Герман, оддалечено дваесетина километри од општината, се расчистени откако речиси цел ден екипи на Ја
Крива Паланка, 3 февруари 2023 (МИА) – Големите снежни наноси високи и до еден метар на регионалниот пат Општина Ранковце – село Герман, оддалечено дваесетина километри од општината, се расчистени откако речиси цел ден екипи на Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патни правци, секција Крива Паланка работеа на терен.
- Искуството од минатите години е минато, не дозволивме жителите на селото Герман да останат отсечени и по повеќечасовна интензивна работа на терен, нашата служба го расчисти патот, завеан во состои на места повисоки и од еден метар, информира раководителот на јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патни правци, секција Крива Паланка, Боби Димитровски.
Патот кон селото Герман бил завеан во текот на ноќта, по врнежите од снег кои го зафатија овој регион.
- Висината на снежната покривка во Герман изнесува околу педесет сантиметри, а патот бил непрооден од доцна во ноќта до раните утрински часови. Благодарност до ЈП за одржување на патиштата, за навремената реакција, така што, жителите на околу триесетина домаќинства можат непречено да ги вршат своите работни обврски, а истовремено, овозможено е дечињата да следат настава, бидејќи кога патот е непрооден, се случувало и по неколку денови да бидат отсутни од училиште или да следат онлајн настава, рече градоначалникот на Општина Ранковце, Борче Спасовски.
Раководителот на ЈП за одржување магистрални и регионални патни правци секција Крива Паланка, Димитровски, посочи дека висината на снежната покривка и во останатите високи планински села во Општина Крива Паланка изнесувала околу 25 сантиметри, но патот и кон селото Луке и кон село Огут бил расчистен навремено, така што, жителите на селата се задоволни, рече Димитровски.
Во текот на изминатото деноноќие оваа зимска служба интервенирала на повеќе локации во реонот на Крива Паланка, Ранковце и Кратово, а на коловозите се фрлени над дваесет тони абразивен материјал, сол и ризла.
И магистралниот пат А2, Куманово – Крива Паланка – Деве Баир е прооден, сообраќајот за патнички и товарни моторни возила се одвива непречено, а висината на снежната покривка на граничниот премин Деве Баир со Република Бугарија е десет сантиметри. ид/ир