• понеделник, 23 декември 2024

Помор на риби кај производители на крап на Тиквешко Езеро

Помор на риби кај производители на крап на Тиквешко Езеро
Кавадарци, 21 октомври 2020 (МИА) - Голем помор на риби кај производители на крап, се случува во моментот на Тиквешко Езеро, почнувајќи од вчерашните утрински часови, а се уште трае, алармираат производители на крап. Велат дека во моментов на удар се две од најголемите компании производители на крап во кафезен систем, „Златен крап“ и „Дошница“. - Целото производство од преку 120 тона ни е загрозено. Настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање на вештачки кислород во водата како би ја спречиле оваа катастрофа, но развојот на ситуацијата е се` уште неповолен, велат од „Златен крап“. Според нив, забележително е катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење, кое трае и во моментот. - Измереното ниво на кислород во водата е спуштено на алармантни 2 mg/L. Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород (4 до 5 mg/L) во нашите води, а кој е неопходен за опстојување и добра кондиција на рибата, велат засегнатите. И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор, велат, до моментов се случува само во овој дел. - Досега не е забележан помор на другите рибници, но ризикот секако постои, особено што пред неколку години истиот проблем се појави кај целата акумулација и тогаш беше уништено речиси 60-70 проценти од производството на сите производители. Со случајот се запознати челниците на Владата и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Уште во текот на вчерашниот ден, направен е увид од ветеринарен инспектор, земени се мостри од водата од страна на ИЈЗ Кавадарци, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања. Заедно со овие наоди, случајот ќе биде пријавен и во Министерството за внатрешни работи, информираат засегнатите од поморот на риби на Тиквешко Езеро. свд/мс/

Остани поврзан