• сабота, 23 ноември 2024

Полските туристки Лешиковски им изразија благодарност на спасувачите од Прилеп

Полските туристки Лешиковски им изразија благодарност на спасувачите од Прилеп

Прилеп, 14 септември 2022 (МИА) - Младите сестри Силвија и Моника Лешиковска се девојките од групата полски туристи кои мораа да бидат спасени од процеп во карпи на враќање од манастирот Трескавец кај Прилеп. Тие побарале помош за да бидат спасени при враќањето од посетата на светски познатиот манастир, чија околина е карпеста и не ретко тешко пристапна ако не се следи асфалтираниот пат. Најсоодветна била помошта од спелеолошкото друштво „Златоврв“ и по 17 часот биле спасени без некои повреди и поминале со гребнатини, но и тешко искуство кое не се заборава.

На враќање во Прилеп, Силвија во свое и во името на сестра си Моника раскажа колку биле исплашени, но и бескрајно благодарни на Дарко Неданоски и на Иван Атанасовски од спелеолошкото друштво „Златоврв“.

Силвија раскажа за тешкото искуство на сестрите.

-Туристи сме од Полска. Дојдовме да го посетиме манастирот Трескавец. Кога се враќавме од манастирот, се заглавивме  во карпите, во планината, не можевме да се движиме ниту горе, ниту долу. Бевме исплашени, па им се јавивме на момците од спасувачката служба. Тие дојдоа да не извлечат, тоа го направија вешто. Многу беа услужливи. Поради нив, ние сме тука. Не можам да замислам што ќе се случеше ако не ни помогнеа. Затоа многу им сме благодарни. Многу ни е мило што ве запознавме, иако во ваков специфичен, чувствителен момент, изјави Силвија Лешиковска, заблагодарувајќи им се на спасувачите и во името на нејзината сестра Моника.

Силвија и Моника Лешиковска биле дел од група од 37 полски туристи. Првпат доаѓале. Од Скопје биле во Охрид, па на Трескавец. 

Неданоски од спелеолошкото друштво „Златоврв“ е среќен што можеле да помогнат и што ситуацијата поминала без големи повреди и последици. Во други случаи, како што велат, не било така.

-Во 15:50 часот добивме повик од Центарот за управување со кризи дека туристи се заглавиле на патот при враќање од манастирот Трескавец. Веднаш добивме и координати од девојките кои беа заглавени во карпата, се мобилизиравме и веднаш се упативме на местото за да ги најдеме што е можно побрзо. Бевме во координација со ЦУК и ДЗС. Битно беше прво да стигне тим кој ќе укаже прва помош, а потоа и други доколку има потреба. Во овој случај среќата е голема што се помина без последици, раскажа Неданоски.

Неданоски и друштвото „Златоврв“ беа иницијатори да се формира спасувачка служба во Прилеп, но тоа замре. Најмногу, вели, поради незаинтересираноста на општината. И овој случај покажа дека е потребно постоењето на службата. Инаку, Неданоски неодамна среќата си ја побара во странство, а овој период бил во посета на блиските, па имаше можност да помогне.

-Ова покажува дека е неопходна државна спасувачка служба. Среќа е што бевме во градот за да помогнеме. Неодговорно е да немаме државна спасувачка служба, вели Неданоски.

При спасувањето на двете девојки, туристки од Полска со четири пожарникари и теренско возило беше вклучена и прилепската противпожарна единица. ем/мд/

Остани поврзан