• вторник, 24 декември 2024

Полскиот премиер бара смена на неговиот заменик

Полскиот премиер бара смена на неговиот заменик
Варшава, 11 август 2021 (МИА) - Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки вчера побара смена на министерот за развој, труд и технологија Јарослав Говин. Моравјецки побара смена на Говин откако тој изјави дека предлог законот за медиумите е „напад врз плурализмот“. Говин е потпретседател на десничарската коалициска Влада и лидер на партијата Договор. - Премиерот Матеуш Моравиецки побара од претседателот Анджеј Дуда да го отстрани Јарослав Говин од функцијата вицепремиер и министер за развој, труд и технологија, изјави на вчерашната прес-конференција претставникот на полската Влада, Пјотр Милер, при тоа додавајќи оти Обединетата десница може дури и по смената на Говин, може да има мнозинство во Парламентот, бидејќи некои пратеници од неговата партија ќе ги поддржат владините реформи. Предложениот закон за медиуми, против кој граѓаните вчера протестираа, практично ќе ја принуди американската медиумска куќа „Дискавери инк“. да го продаде својот удел во мрежата ТВН, која емитува голем број канали, но и каналот за вести ТВН24, кој има најголема, милионска гледаност. Иако критичарите тврдат дека таков закон ќе ја загрози репутацијата на Полска како земја во која медиумите се слободни и каде медиумскиот простор е отворен за странски компании, владејачката полска партија Право и правда не се откажува од намерата за национализација на медиумите, повикувајќи се на национална безбедност. Покрај тоа, полските власти тврдат дека овој закон ќе го усогласи полското законодавство со европското, пред се со француското и германското, бидејќи уделот на странска сопственост во медиумскиот сектор е ограничен во тие земји. Во повеќе полски градови синоќа се одржаа демонстрациите поради предлог законот за медиуми, тврдејќи дека владејачката партија се обидува да ги задуши независните медиуми. ми/

Остани поврзан