• вторник, 17 декември 2024
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Полска ја повика ЕУ да ги затвори границите пред мигрантскиот бран

Полска ја повика ЕУ да ги затвори границите пред мигрантскиот бран

Варшава, 19 септември 2023 (МИА) - Европската унија треба да ги затвори границите пред бранот мигранти и да заборави на идејата за нивно преместување внатре во неа, порача денеска полската владејачка партија ПиС, која го заострува својот став кон мигрантите пред изборите.

Полската националистичка партија Право и правда (ПиС), соочена со предизвик од екстремно десничарската партија, соопшти дека Полска може да биде преплавена со мигранти како италијанскиот остров Лампедуза, доколку не дојдат на власт на изборите на 15 октомври.

Лидерот на партијата Јарослав Качински на прес-конференција рече: „Лампедуза е само еден вид симбол на ситуацијата што и се заканува на цела Европа, вклучително и Полска“.

-Единствениот начин да се бориме против оваа - мора да се каже - инвазија - е навистина, реално да се затворат границите и да се одлучи да се вратат оние што ги преминале границите во нивните земји на потекло или да се најде некое друго решение, но секогаш на таков начин за да се решиме од нив, рече Качински.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред два дена ја посети Лампедуза, која се бори со бранот мигранти, и вети дека ЕУ ќе усвои Акциски план од 10 точки за да и помогне на Италија во мигрантската криза.

Качински рече дека најавата за преместување на илегалните мигранти е „охрабрување за шверцерите на луѓе“.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан