• сабота, 16 ноември 2024

Полска го поздрави отворањето американска ракетна база во земјата како знак на сигурност

Полска го поздрави отворањето американска ракетна база во земјата како знак на сигурност

Варшава, 13 ноември 2024 (МИА) - Соединетите Американски Држави (САД) денеска отворија нова база за противвоздушна одбрана во северна Полска, што претседателот на таа земја ја оцени како доказ дека Полска е безбедна како членка на НАТО, дури и додека Русија води војна во соседна Украина.

„САД... се гарант за безбедноста на Полска“, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда. 

Тој додаде дека постојаното присуство на американските сили во базата покажува дека Полска, комунистичка држава до 1989 година, „не е во руската сфера на влијание“.

Базата, која се градеше уште од 2000-тите, е сместена во градот Реџиково во близина на балтичкиот брег.

Кремљ денеска ја нарече базата обид за задржување на Русија со придвижување на американската воена инфраструктура поблиску до нејзините граници. 

Американската база во Реџиково е дел од поширокиот антибалистички ракетен штит на НАТО, копнена верзија на американскиот противракетен одбранбен систем Ејџис, за кој Алијансата тврди дека може да пресретне балистички ракети со краток и среден дострел.

Уште во 2007 година, додека проектот беше во фаза на планирање, Москва ја означи оваа база како закана. НАТО тврди дека штитот има чисто одбранбен карактер. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан