• сабота, 16 ноември 2024

Полицијата во Варшава со солзавец ги рестера земјоделците од пред парламентот

Полицијата во Варшава со солзавец ги рестера земјоделците од пред парламентот

Варшава, 6 март 2024 (МИА) - Полската полиција денеска употреби солзавец и шок бомби за да ги растера групите демонстранти кои  на големиот протест на полските земјоделци се обидоа да упаднат во Сејмот (полскиот Парламент) и во канцеларијата на полскиот премиер. 

Неколку демонстранти, сепак, успеаја да упаднат во зградата на парламентот кога од толпата кон полицијата беа фрлени петарди, шишиња, лименки пиво и камења, но тие веднаш беа уапсени, а неколку полицајци беа повредени во инцидент, пренесе полскиот информативен портал Onet.pl.

„Однесувањето кое ги загрозува нашите полицајци, како фрлањето камења, не може да се банализира и тоа бара одлучна реакција. Полицијата не е странка во спорот што ги предизвикува протестите. Неколку полицајци беа повредени. Неколку од најагресивните демонстранти се уапсени “, соопшти Командата на полицијата во главниот град.

Илјадници земјоделци, како и рудари, а на посебен протест за специјална поддршка и ловците и шумарите, денеска ја парализираа Варшава, прво пред зградата на полската Влада, каде запалија автомобилски гуми и се обидуваа да фрлат запалени предмети во градината околу објектот.

Потоа со нелегален марш се движеа пред зградата на Парламентот, каде продолжија да палат ѓубре, транспаренти и гранки.

Под прозорецот на кабинетот на премиерот Доналд Туск, тие паркираа голем резервоар од бали сено, наречен „агроабрамс“, а на маршот од зградата на владата до парламентот го носеа симболичниот ковчег на „полскиот земјоделец убиен од Зелениот договор на ЕУ“.

По нападот на полицијата и обидот за упад во собраниската зграда, полицијата со кордон ги раздвои групите демонстранти и ги повика да се разотидат, бидејќи протестот сега веќе стана незаконски.

Заменик министерот за земјоделство Михал Колоѓејчак, лидерот на АГРОУНИЈА, кој организираше големи, но ненасилни протести на земјоделците за време на претходната влада на партијата Право и Правда, го критикуваше лидерот на синдикатот Солидарност, близок до претходната власт, дека самите земјоделци не се грижат на нивните протести да не се појавуваат екстремисти и насилници.

На протестите организирани од група фармери неодамна се појави транспарент со кој се повикува рускиот претседател Владимир Путин конечно да го врати редот во Украина, Брисел и полската Влада.

-Ги политизирате протестите на земјоделците. Тоа не смее да се прави, ги обвини министерот за земјоделство Чеслав Шекерски функционерите на опозициската партија Право и Правда.

За време на протестот од Брисел стигна вест дека следната недела Европската комисија ќе ги претстави измените на Зелениот договор за климатските цели на ЕУ, со што ќе им излезе во пресрет на земјоделците кои протестираат ширум Европа, а утре лично еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски ќе ги презентира конкретните детали во полскиот Парламент.

Со тие измени треба да престанат да бидат задолжителни оние прописи и мерки од Зелениот договор против кои најмногу протестираа земјоделците во Европа. сд/

фото:ЕПА

 

Остани поврзан