• сабота, 23 ноември 2024

Полицискиот синдикат бара од Чулев итни мерки за заштита на полицајците и 20 отсто поголема плата за март и април

Полицискиот синдикат бара од Чулев итни мерки за заштита на полицајците и 20 отсто поголема плата за март и април
Скопје, 19 мај 2020 (МИА) - Македонскиот полициски синдикат го повикува министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев веднаш да преземе засилени мерки и активности за заштита на полициските службеници на терен кои се секојдневно дирекно изложени на опасност од зараза со коронавирусот. Синдикатот воедно апелира, министерот Чулев, следејќи го примерот со најавеното покачување на платата на најизложените здравствени работници во борбата против КОВИД-19, за 20 отсто за март и април да ја покачи платата и на полициските службеници кои исто така несебично вложуваат натчовечки напори да ја одржат ситуацијата со ширењето на заразата под контрола. -Од денеска не смее да се дозволи ниту еден вработен во МВР да биде испратен на терен без соодветна заштитна маска, ракавици и средство за дезинфекција, бидејќи полициските службеници како никогаш до сега им се потребни на граѓаните. Итно бараме да бидат преземени минимум следните мерки и активности: преку службите за општи и заеднички работи до сите организациски единици во Министерството за внатрешни работи кои при вршењето на редовните работни задачи се во директен контакт со странки, редовно и навремено на колегите да им бидат доставени заштитни маски, гумени ракавици чие носење ќе биде задолжително и истите да бидат задолжувани при секое заминување на работа, пред сите поголеми ОЕ на МВР да се постават пунктови за дезинфекција на службените возила, како и да се врши вонредна дезинфекција на сите простории во кои престојуваат и работат колегите, наведува Синдикатот. Македонскиот полициски синдикат апелира и до колегите максимално да се придружуваат до мерките за заштита од КОВИД-19. мч/скс/      

Остани поврзан