• сабота, 23 ноември 2024

Позитивни критики од лондонски „Тајмс“ за новото издание на Трпчески

Позитивни критики од лондонски „Тајмс“ за новото издание на Трпчески

Скопје, 17 ноември 2023 (МИА) - Лондонскиот медиум „Тајмс“ излезе со оценка од пет ѕвездички и позитивна критика за двојниот албум на нашиот пијанист Симон Трпчески, кој повторно свири со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио од Келн, Германија. На албумот е изведбата на два концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.

За албумот што деновиве го објави престижната британска етикета „Лин Рекордс“ , критичарот Џеф Браун пишува дека со него „класиката е блескаво освежена“ и подвлекува дека „Симон Трпчески може најпоетично да ги гали клавишите“:

-Нивниот успех се должи на две поврзани состојки. Една од нив е леснотијата на дуото во меѓусебната музичка придружба,која е од суштинско значење кога односот пијано-оркестар во овие дела е толку разновиден. Втората, не толку тајна состојка, е вроденото разбирање на фразирањето и ритамот на централноевропската народна музика од страна на пијанистот и диригентот. Германецот Брамс го сакал унгарскиот ритам, но доминантното отскокнување на Трпчески и Мачелару се шири низ целите концерти, а не само низ нивните танцувачки финалиња, се вели во критиката.

Како што наведува критичарот, во вториот концерт Мачелару и оркестарот ги достигнуваат височините.  

Новото издание на Трпчески е албум на неделата на лондонското Класик фм радио.

-Оваа снимка на концертите за пијано на Брамс од Симон Трпчески и Кристијан Мечелару е едноставно божествена. Мачелару и Трпчески имаат извонредна историја на соработка и ако ја слушате текстурата на овој прекрасен Брамс, тоа значи дека пијаното и оркестарот се како едно. Балансот е сосема совршен, изјавил водителот на лондонското Класик фм радио, Александер Армстронг, образложувајќи го изборот на изданието за албум на неделата.бт/бак/

Остани поврзан