• сабота, 28 декември 2024

Пожарот кај Кочани привремено ставен под контрола

Пожарот кај Кочани привремено ставен под контрола
Кочани, 29 јули 2021 (МИА) – Под привремена контрола е ставен пожарот што попладнево се закануваше да ги зафати населбите во североисточниот дел на Кочани. Во акцијата за гаснење на огнената стихија учествува пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од Кочани, како и нивните колеги од Штип, Виница и Македонска Каменица, припадници на Полицијата и Армијата, како и вработени во комуналните претпријатија „Водовод“ и „Национални шуми“, јавни институции и месно население. Поради сериозноста на ситуацијата беа ангажирани и два хеликоптера на АРМ, со чија поддршка огнот беше локализиран, но сѐ уште не е целосно изгаснат. - Состојбата ќе ја следиме во текот на ноќта, поради што ќе има неколку мобилни екипи на терен, кои ќе алармираат доколку има потреба да се интервенира. Со активностите за гаснење на пожарот ќе продолжиме рано изутрина и доколку има потреба повторно ќе побараме помош од Дирекцијата за заштита и спасување и од Центарот за управување со кризи. Приоритет во заштитата од огнената стихија имаат граѓаните и нивниот имот, но сакаме да спречиме пожарот повторно да се прошири и во шумскиот појас, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. Во огнената стихија што избувна пред еден ден, досега изгореа над 150 хектари зимзелена и друг вид шума, а со максимална ангажираност на сите кои учествуваат во гаснењето на пожарот спречено е негово проширување во урбаниот дел на Кочани. та/нд/

Остани поврзан