• сабота, 23 ноември 2024

Пожарите во Светиниколско направија штета на имотите во неколку села

Пожарите во Светиниколско направија штета на имотите во неколку села

Свети Николе, 29 јули 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев вечерва на социјалните мрежи информираше дека пожарите направиле голема штета на куќите и имотите во неколку села.

- Во текот на денот беснееја повеќе пожари во атарот на селата Орел, Немањици, Малино, Ерџелија, Делисенци и други места. Пожарите направија голема штета по имотот на луѓето од тие места. Во гаснењето учестваа пожарникарите од ТППЕ Свети Николе, ДПД Свети Николе, пожарникари од Велес, Штип, Неготино, Кавадарци, АРМ, хеликоптери и многу доброволци кои несебично цел ден гасеа пожари за кој им се од срце заблагодарувам, вели Владев.

Посочува дека борбата со пожарите ќе продолжи и во текот на ноќта.

- Еден апел до сите наши сограѓани...Ве замолувам да не коментирате без потреба и да не дозволиме непотребно да им ја потценуваме работата и маката на луѓето кои цел ден гинеа на терен, вели Владев.

МИА претходно информираше дека во селото Немањици, според првичните проценки, изгорени се и една четвртина од домовите. Опожарени куќи има и во селата Орел и Малино.

Од Министерството за внатрешни работи вечерва информираа дека нивните два хеликоптера исфрлиле над 50 тони вода на пожарите во Малино и Немањици.

- Хеликоптерот Бел 412 исфрли 10 тони вода врз пожарот во с.Малино, а потоа продолжи да дејствува врз пожарот кај с.Немањица. Хеликоптерот Ми 171 исфрли над 40 тони вода во 18 налети врз пожарот во с. Немањиц, се наведува во соопштението. вдј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан