• вторник, 17 декември 2024

Поезијата на израелскиот поет Амир Ор претставена на Струшките вечери на поезијата

Поезијата на израелскиот поет Амир Ор претставена на Струшките вечери на поезијата
Струга, 26 август 2022 (МИА) - Поезијата на израелскиот поет Амир Ор, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата на македонски јазик била претставена пред 20 години, а тој се јавува и како автор на првата и единствена, антологија „Нова израелска поезија“, преведена и објавена на македонски јазик, истакна претседателка на Управниот одбор на СВП, Елизабета Шелева. На поетскиот портрет на Ор, што денеска се одржа во предворјето на црквата „Света Богородица“ во Калишта, во рамки на 61. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, Шелева посочи дека дел од неговите песни се преведувани и достапни во електронското списание „Блесок“, како и во списанието „Наше писмо“. - Во оваа свечена и радосна прилика, ни преостанува уште благородната можност, искрено да ѝ се препуштиме на оваа поезија, пиејќи од раскошниот авторски извор на Амир Ор, поетот, чие презиме (како што, во меѓувреме, осознаваме) на хебрејски јазик, ја означува, ни помалку ни повеќе, туку самата светлина. Светлина, богато натопена со благородните одеци на различните и древни култури, кои чинат совршен амалгам со неговата вибрантна сензуалност, исклучителна сензибилност, изострена луцидност и духовна запрашаност, но и подготвеноста, да се оди до крај со нештата, низ впечатливата лирска реторика и животворната речитост на обраќањето, што ја потврдува универзалната вредност на оваа поезија и нејзините далекусежни пораки, упатени кон човекот на иднината, рече Шелева. Амир Ор пред бројните гости прочита неколку свои песни и се заблагодари повторно за укажаната чест да биде добитник на „Златниот венец на поезијата“. Во рамките на програмата на СВП на летната сцена во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ денеска ќе бидат претставени портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, италијанскиот поет Џерардо Мазучи и македонскиот Зоран Анчевски. На „Струшките вечери на поезијата“ присуствуваат над 20 поети од странство и 30-ина од државата, а годинашното издание се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“. Свеченото затворање на фестивалот, традиционално ќе биде в недела, на 28 август на Мостот на поезијата, со традиционалното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“,„Браќа Миладиновци“ и наградата „Мостови на Струга“ која Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга. сс/рп/

Остани поврзан