• вторник, 17 декември 2024

Под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“ ќе се одржат 61. „Струшки вечери на поезијата“

Под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“ ќе се одржат 61. „Струшки вечери на поезијата“
Струга, 8 август 2022 (МИА) - Под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“ од 25 до 29 август во Струга ќе се одржи 61. издание на најпрестижниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Манифестацијата ќе почне со традиционалното читање на Константиновата „Т`га за југ“ и палење на фестивалскиот оган, по две години поради пандемијата, повторно на старата локација, пред платото на центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Годинешниот лауреат, јапонски поет Шунтаро Таникава, како што соопшти дирекцијата на Фестивалот СВП, поради поодмината возраст (91 година) и здравствени ризици нема да присуствува физички, а Златниот венец во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист. На традиционалниот портрет на лауреатот што се одржува во црквата „Света Софија“ во Охрид, Кенсаку ќе има специјален музички настап инспириран од стиховите на неговиот татко. Специјален гостин на манифестацијата, како што е наведено во информацијата, ќе биде минатогодишниот лауреат, израелскиот поет Амир Ор. На годинашното фестивалско издание, според СВП, најавено е присуство на повеќе од 25 странски поети, но и домашни поети. - Во рамките на програмата предвидено е меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети, соопшти националната установа „Струшки вечери на поезијата“. Предвидени се поетски читања и на поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија. - Годинашното мото „Ритам на стихот, ритам на животот“ ја потенцира исконската врска меѓу ритмичките обрасци во поезијата, како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската меѓу поезијата и музиката. Во рамки на програмата на фестивалот, ќе биде промовирана и Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети чијашто тема е музиката, се наведува во информацијата на СВП. Свеченото затворање на фестивалот, традиционално ќе биде во недела, на 28 август на Мостот на поезијата со традиционалното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска книга и „Браќа Миладиновци“. Фестивалската програма ќе се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП. сс/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан