• четврток, 07 ноември 2024

Поднесена кривична пријава против ресенчанец и скопјанец за недозволена трговија со културни добра

Поднесена кривична пријава против ресенчанец и скопјанец за недозволена трговија со културни добра

Скопје, 27 март 2023 (МИА) -  Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денеска до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против ресенчанец и скопјанец за недозволена трговија со културни добра.

Против Г.А.(43) од Ресен е поднесена кривична пријава за „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“, „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и „прикривање, додека против С.М.(35) од Ресен со престој во Скопје за сторено кривично дело „прикривање“.

Како што информираат денеска од МВР, во периодот од август до декември лани, Г.А. искористувајќи го намалувањето на водостојот на Преспанското Езеро, на археолошко наоѓалиште на плажа во селото Долно Перово, повеќепати со рачен алат и метал-детектори вршел ископување на археолошки предмети и монети, за кои бил свесен дека е можно да претставуваат културно наследство. Потоа, археолошките предмети ги пренесувал во својот дом и дополнително вршел нестручни конзерваторско-реставраторски процеси врз нелегално пронајдените и присвоените археолошки предмети и монети со цел да ги понуди на потенцијални купувачи, користејќи ја социјалната мрежа Фејсбук.

-Во август 2022 година, С.М. во село Долно Перово, остварил средба со Г.А., во чиј двор ги видел археолошките предмети, и иако бил свесен дека постои можност предметите да претставуваат културно наследство, одбрал два предмети и ги однел во својот дом, се наведува во соопштението од МВР.Врз основа на издадена наредба од Судија на претходна постапка при Основиотн суд Битола, на 1 декември 2022 година извршен е претрес во домот и просториите кај Г.А., при што привремено се одземени бројни предмети во различни форми и големини, монети и други предмети поврзани со кривичното дело. При извршен службен разговор со него, тој ги појаснил околностите под кои дошол до археолошките предмети и монети и посочил дека дел од нелегално пронајдените и присвоените предмети ги дал на С.М..

Од МВР посочуваат дека истиот ден во полициската станица Центар бил повикан С.М., кој ги донел двата предмети и во разговорот со него го појаснил начинот на кој се стекнал со нив.

-Од страна на ОЈО Битола е издадена наредба за вршење на вештачење и стручна идентификација на одземените археолошки предмети, при што истата е доставена во НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија и од нивна страна е изготвен Извештај од стручно мислење дека предметите: три керамички садови, шест прстени, мамуза, камен точило, шест стрели, 10 ножеви, два крстови, 46 нитни, 34 брутови, 21 алка, две копчиња, 11 токи за појас, три токи за чевли и 111 различни метални предмети претставуваат културно наследство, а од страна на вешто лице е извршена стручна идентификација на нумизматичкиот материјал, при што е констатирано дека седум монети претставуваат културно наследство, се наведува во соопштението од МВР. дма/бак/

 

Фото: МВР

 

Остани поврзан