• сабота, 23 ноември 2024

Подемот на ИТ-индустријата менува професии

Подемот на ИТ-индустријата менува професии
Скопје, 12 ноември 2022 (МИА) - Пандемијата им наштети на многу бизниси и компании кои се соочуваа со предизвикот да опстанат, а работата онлајн во многу сфери од животот придонесе за невиден подем на ИТ- индустријата и нужност да се учат дигитални вештини. Не само за снаоѓање во виртуелниот простор, туку новите околности мотивираа многу луѓе да се впуштат и во нова кариера. Тоа го потврдува и интересот за упис на Едукативно-технолошката организација Бреинстер (Brainster) и нејзините девет академии во областите: програмирање, софтвер тестинг, дигитален маркетинг, графички дизајн, data science, UX/UI дизајн, проект и продукт менаџмент и човечки ресурси. Во седумте години постоење, Бреинстер академиите ги посетиле над 11 000 луѓе за да се обучат за работа во најдинамичните и најбрзорастечките индустрии. На некои им е помогнато и со вработување во соработка со неговите 100 партнерски компании за коиновации. Оваа година почна да работи и Бреинстер некст колеџ (Brainster Next College) - прв практичен ИТ-факултет во државава, акредитиран од Министерството за образование и наука, на кој се запишале  46 студенти - прва генерација кои минатиот месец почнаа да учат софтверско инженерство и иновации. -Бреинстер како ЕdTech (едукативно-технолошка) компанија забележа огромен раст за време на пандемијата, бидејќи се појави побарувачка за учење дигитални вештини, а и интересот за уписи на нашите образовни програми дополнително се зајакна со подемот на ИТ-индустријата. Од друга страна, ова и кај нас поттикна голем број интерни иновации, па го лансиравме нашиот Learning Management System (Brainster Learn), платформа за учење на кој се одвиваат сите наши академии, а потоа Brainster Next платформата која е прва платформа што нуди бесплатни ИТ-курсеви на македонски јазик. Годинава ќе ја завршиме со околу 1300 запишани студенти на академиите и на факултетот заедно, изјави за МИА Стефан Смиљаноски, маркетинг директор во Бреинстер. Интересот за упис е голем кај академиите за програмирање, софтвер тестер, но и кај оние поврзани со креативните индустрии. Просечната возраст на студенти кај неформалното образование  е 30 години. Мотивите за запишување на академиите се најчесто преквалификување во професии што ги бара  новото време, доедукација заради кариера во нова област што, според  Смиљаноски, укажува дека пазарот на трудот е презаситен од кадар што ги нема потребните вештини. -Сепак, неретко имаме и средношколци, а, пак, на Академијата за човечки ресурси дури и 62-годишна жена. Интересно е тоа што имаме и родители и деца што учат заедно, сопружници, група пријатели. Професии решаваат да сменат фармацевти, ветеринари, новинари, професори, актери, економисти, музичари, пчелари… Речиси и да нема област од којашто немаме студенти. Тоа се луѓе со многу различна позадина, но сите имаат нешто заедничко - желба да се дообразуваат, преквалификуваат за да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и, се разбира, да најдат подобра и поплатена работа. Дел од нашите студенти се охрабруваат и отвораат сопствени бизниси. Навистина сме горди на нашата алумни-заедница. Имаме два уписни рока, пролетен и есенски. Но, годинава ја нарековме „година на рекорди“, веќе во оваа фаза запишуваме студенти за пролетниот уписен рок бидејќи многу групи ни се веќе пополнети, вели Смиљаноски. Академиите се одвиваат онлајн, секој студент е приклучен на платформа за учење каде ги добива лекциите, задачите, вежбите. Има договори за соработка со над 100 инструктори, секој од нив со големо практично искуство во индустријата. -Најважно од сѐ е што студентите учат преку практична настава и преку учество на реалните проекти што им ги задаваме заедно со компаниите и искусуваат како се работи во реалниот сектор. Академиите се сертифицирани од високообразовна институција, Бреинстер Некст колеџот, и секој студент добива два сертификата по успешно завршена академија, наведува  маркетинг директорот. На Браинстер Некст колеџ, пак, во првата студиска година се запишале 46 студенти. Според генералниот менаџер на колеџот, Александар Клашниновски, идејата за отворањето на факултетот е логична еволуција на тоа што со години го прават со Бреинстер во неформалното образование. Факултетот со тригодишни додипломски студии (180ЕКТС) е формиран со цел да ги преслика најдобрите практики на Бреинстер во високото образование и да го надгради образовниот систем, нудејќи нешто што е реткост кај другите факултети – практична и применета програма одобрена од индустријата која ќе овозможи висока вработиливост на нашите студенти. Затоа и мотото на факултетот е „Високо образование за сигурна кариера“. -Од нашите студенти добивавме скоро идентична повратна информација, дека тоа што го добиваат како знаење во формалното високо образование не ги наоружува со практичните вештини што се бараат на пазарот на труд. Почнавме да размислуваме на кој начин најдобрите практики од Бреинстер да ги имплементираме во формалното образование и сфативме дека најдобар начин е Бреинстер Некст колеџот како прв практичен ИТ- факултет кај нас.  Факултетот го носи најдоброто од двата света - формално високо образование со акредитирана диплома од МОН и стекнување со практични знаења и вештини кои ги бара пазарот на трудот, не само кај нас туку и глобално, рече Клашниновски.  Хатка Смаиловиќ

Остани поврзан