• понеделник, 23 декември 2024

Поддршка од ЕБОР од 250 милиони евра за справување со последиците од КОВИД-19

Поддршка од ЕБОР од 250 милиони евра за справување со последиците од КОВИД-19
Скопје, 22 април 2020 (МИА) - Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) оваа година за Република Северна Македонија ќе намени пакет од 250 милиони евра за поддршка на финансискиот сектор, за енергетскиот сектор, за мали и средни претпријатија, но и за големите компании. ЕБОР ќе го активира  „Пакетот солидарност“ за справување со економските последици од пандемијата КОВИД-19, а значителна поддршка ќе биде ориентирана кон земјите на Западен Балкан, вклучувајќи ја и нашата.
Дел од  поддршката на ЕБОР за земјава е насочена и кон инфраструктури проекти, кои во наредниот период треба да се финализираат во тесна соработка меѓу Владата и ЕБОР.
За активирањето на „Пакетот солидарност“ на ЕБОР било истакнато на онлајн видеоконференција која премиерот Оливер Спасовски и министрите за финансии и за економија, Нина Ангеловска и Крешник Бектеши, ја одржале со  претседателот на ЕБОР, Сума Чакрабарти и неговите соработници, во врска со  состојбата и последиците од пандемијата.
Како што соопшти владината прес-служба, претседателот на ЕБОР, Чакрабарти, изразил задоволство како властите во Република Северна Македонија се справуваат со пандемијата на КОВИД-19, како и од преземените мерки за намалување на последиците.
-Претседателот на ЕБОР, Чакрабарти, упати искрени честити за членството на нашата земја во НАТО и започнувањето на преговори со Европската Унија. Тој истакна дека ЕБОР останува посветена на поддршката на Република Северна Македонија во процесот на преговори со ЕУ и во најкус период ќе биде потпишан меморандум за соработка за оваа сфера, информира владината прес-служба.
Премиерот Спасовски се заблагодарил за досегашната поддршка, како и за отвореноста на ЕБОР, особено во овој тежок период и за вклучувањето на нашата земја во  „Пакетот солидарност“.
Спасовски искажал и посветеност на Владата кон сите отворени досегашни проекти, но и кон проектите кои се во процес на планирање, за поддршка на динамичен економски раст. хс/са/

Остани поврзан