• сабота, 23 ноември 2024

Поддршката на Европарламентот за старт на преговори со Северна Македонија се засили со војната во Украина

Поддршката на Европарламентот за старт на преговори со Северна Македонија се засили со војната во Украина

Брисел, 21 март 2022 (МИА) – Министерот за надворешни работи Бујар Османи, попладнево се обрати пред европратениците членови на Комисијата за надворешни работи, и од нив доби недвосмислена поддршка преговорите за членство со ЕУ да започнат веднаш, јави дописничката на МИА од Брисел.

Османи ги потсети европратениците колку долго Северна Македонија е во чекалната, колкав е степенот на усогласеност со потребните реформи на ЕУ, но и на непоколебливата македонска поддршка во санкциите против Русија поради нападот врз Украина.

Тој меѓутоа ги предупреди и дека ново одлагање на овие преговори не само што ќе има последици врз кредибилитетот на Европската Унија во земјата и целиот регион, туку може да има последици и врз безбедносната ситуација во време кога Русија се обидува да се меша и влијае на внатрешните состојби на сојузниците на ЕУ. Тој потсети и дека Москва веќе еднаш се обиде да се меша во внатрешните работи, за време на Преспанскиот договор, произведувајќи низа лажни вести.

- Нашите европски аспирации мораат конечно сериозно да бидат земени во предвид. Северна Македонија, со нејзината граѓанска и политичка мудрост ги избегна сите екс југословенски војни и подоцна, во 2001 година, покажа дека знае како се креира мир, соживот, како се почитуваат човековите права и правата на малцинствата. И ние немаме намера да застанеме во борбата за освојување на демократските вредности, изјави Османи пред европратениците.

Министерот исто така со нив ги сподели и резултатите од последните истражувања на јавното мислење во Северна Македонија кои јасно покажуваат пад на ентузијазмот кон ЕУ кај граѓаните.

- Бројките што ги споделивте се загрижувачки, и сметам дека како ЕУ имаме огромна одговорност да ја вратиме довербата, реагираше европратеничката од редовите на Зелените, Тинеке Стрик.

Речиси без исклучок присутните европски пратеници побараа веднаш да се даде зелено светло за почетокот на преговорите со Северна Македонија, како и со Албанија, а некои од нив се обратија и на земјата членка која ги блокира овие преговори поради билатерални прашања. Стрик ја повика владата во Бугарија веднаш да го одобри стартот на преговорите, додека претседателот на Комисијата за надворешни работи, Дејвид Мекалистер се обрати до Софија без да ја спомене со име.

- Времето конечно дојде да се отворат преговорите за членство со оваа земја која толку многу години чека, дававме ветувања по ветувања и сега ја повикуваме нашата драга земја членка конечно да даде зелено светло, рече Мекалистер, пред да го затвори состанокот.

Самите бугарски европратеници покажаа поконструктивен однос од вообичаеното на овие седници. Провокативниот екстремен десничар од Бугарија, Ангел Џамбаски, кој никогаш не ја пропушта приликата да даде потпалувачки изјави за Северна Македонија овој пат имаше технички проблеми и не успеа да се вклучи.

Европратеничката од редовите на социјалистите, Елена Јончева, побара од министерот да каже дали Бугарите во Северна Македонија ќе бидат вметнати во Уставот и дали за тоа постои „силна политичка волја“.

Со оглед на тоа што преговорите меѓу Скопје и Софија сѐ уште траат, Османи не даде одговор на ова прашање, но им порача на бугарските европратеници дека е време двете земји да се свртат кон иднината.

- Во регионот ни треба заедничка иднина, во овие непредвидливи времиња, заеднички се предизвиците и за вас и за нас. Руската агресија ве засега и вас во Република Бугарија, и нас во Република Северна Македонија, затоа треба да се, здружиме за да го консолидираме регионот, рече шефот на македонската дипломатија на македонски јазик како одговор на прашање на бугарскиот европратеник Јорданов, кој сакаше да знае зошто билатералните проблеми би се решиле полесно откако ќе започнат преговорите, ако не можат сега да се решат.

Османи исто така порача дека доколку не започнат преговорите во наредните недели, ќе настрада политичкиот ентузијазам, но не и европската заложба на Северна Македонија.

- Затоа ни е потребно решение во наредните недели, под француско претседателство, повеќе од било кога има разбирање дека проширувањето е пред сѐ безбедносна политика, не е само прашање на кредибилитет, туку на консолидација на безбедноста во регионот и на континентот, порача Османи од Брисел. тм/нд/

Остани поврзан