• сабота, 23 ноември 2024

Погрешен впечаток дека Србија е главен проблем на нерегуларната миграција во ЕУ

Погрешен впечаток дека Србија е главен проблем на нерегуларната миграција во ЕУ
Белград, 20 октомври 2022 (МИА) - Се создава впечаток дека визниот режим на Србија е главниот проблем на нерегуларната миграција во Европската унија, но бројките велат поинаку, истакна денеска српската амбасадорка во Германија Снежана Јанковиќ, јави дописникот на МИА од Белград. Таа за германскиот весник "Ziddojče Cajtung" ги посочи официјалните бројки од Белград, според кои најголемиот дел од мигрантите кои влегле во Србија од почетокот на годинава дошле преку копнената граница, од соседните земји, како Северна Македонија, Бугарија, Албанија. -Само 6,67 отсто од нив дошле во Србија преку белградскиот аеродром, рече Јанковиќ и посочи дека е забележан најголем пораст на бројот на мигранти од Авганистан, Сирија и од Пакистан. Истовремено, Јанковиќ рече дека Србија ја разбира загриженоста на германските и европските партнери и дека сака да соработува за да се дојде до решение. Според неа, веќе се заострени условите за влез на граѓаните од Индија, Бурунди, Тунис и Куба, и тие сега треба да покажат платен повратен билет со датум на напуштање на државата. Јанковиќ посочи дека претседателот Александар Вучиќ најавил дека Србија значително ќе ја усогласи визната политика со политиката на ЕУ и дека соодветната работна група веќе работи на деталите. Таа ги отфрли тврдењата дека Белград обезбедува безвизен режим за земјите кои не го признаваат Косово и ги негираше обвинувањата од редовите на Слободарската партија на Германија (ФДП) дека Србија, во договор со Москва, целно ги „проследува“ мигрантите кон ЕУ. Амбасадорката Јанковиќ потсети дека со повеќето земји, чии граѓани можат да патуваат во Србија без визи, такви договори постојат со децении што е наследство од поранешна Југославија која беше еден од основачите на Движењето на неврзаните. Германсиот весник наведува дека визниот режим на Белград предизвика огорченост на многу членки на ЕУ, вклучително и на министерката за внатрешни работи на Германија, Ненси Фезер, која рече дека Србија мора да ја промени визната практика „сега, а не некогаш“ и предупреди дека ваквата практика може да застане на патот на шансите на Србија да стане членка на ЕУ. об/

Остани поврзан