Повторно вандализиран манастирот во Матејче
- Повторно е оштетен и вандализиран манастирот во Матејче, информираа денеска од Кумановско-осоговската епархија. Од СВР Куманово го потврдија случајот.

Куманово, 7 март 2025 (МИА) - Повторно е оштетен и вандализиран манастирот во Матејче, информираа денеска од Кумановско-осоговската епархија. Од СВР Куманово го потврдија случајот.
-Вчера во СВР Куманово било пријавено дека во манастирот во село Матејче, општина Липково, било влезено со употреба на сила, била оштетена црквата и биле одземени повеќе предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти СВР Куманово.
Од Кумановско-осоговската епархија информираат дека е провалено во манастирот, сторителот(те) копале по подот во манастирската црква и го украле оловниот лим од централната купола на манастирската црква Пресвета Богородица во Матејче. Случајот го забележал член на црковниот одбор на манастирот.
-Како сопственици на заштитено културно добро, ја известуваме јавноста дека врз заштитеното културно добро ‒ манастирот Пресвета Богородица, село Матејче, Општина Липково, Куманово, од страна на непознат сторител во месец март 2025 година е извршен неовластен упад во црковен имот во Манастирот Пресвета Богородица с. Матејче. Упадот е извршен со провалување во затворените простории на манастирската црква. Извршено е копање на подот на манастирската црква, кој е целосно раскопан, и извршен е ископ на голема количина на земја, при што се извадени и осквернавени посмртните останки на порано погребани лица на ова место. Исто така е причинета значителна материјална штета и кражба на оловен лим од централната купола на манастирската црква, информираа од епархијата.
Манастирот Матејче често е мета на вандалско однесување. Министерството за култура претходните години одвојуваше средства за непосредната заштита и реализација на проектот за конзервација и реставрација, препокривање на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче. Поставениот оловен покривач беше ограбен. Од Националниот конзерваторски центар беа обезбедни средства за а превентивно покривање на куполите и сводните површини. Институциите размислуваат за изработка на проект за препокривање со византиски тип на ќерамиди на површините.
Кумановци особено го почитуваат манастирот сместен во раскошната природа во липковскиот регион. Активисти од градот, со години алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот која се влошуваше секоја година, по воениот конфликт 2001. Претходно, комплексот во кој имаше и детско одморалиште беше омилено место за рекреација на учениците и граѓаните од Куманово.
Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва. Сместен е на планинскиот масив на Скопска Црна Гора, манастирот ги отсликува врвовите на средновековната ликовна продукција на македонската територија. Манастирската црква е изградена во XIV век. ам/са/
Фото: Кумановско-осоговска епархија и МИА