Површината на арктичкиот морски мраз по втор пат падна под 4 милиони квадратни километри
- Површината на арктичкиот морски мраз падна под четири милиони квадратни километри по втор пат откако почна сателитското снимање во 1979 година, соопшти американскиот Национален центар за пода

Њујорк, 22 септември 2020 (МИА) - Површината на арктичкиот морски мраз падна под четири милиони квадратни километри по втор пат откако почна сателитското снимање во 1979 година, соопшти американскиот Национален центар за податоци за снег и мраз (НСИДЦ).
Мразот на 15 септември ја достигна својата годишна минимална површина од 3,74 милиони квадратни километри и сега се очекува да почне повторно да се шири бидејќи температурите почнуваат да паѓаат и сонцето заоѓа порано со почетокот на есента.
Арктичкиот морски мраз е во постојан тренд на намалување, а 14-те најниски годишни минимални површини се случуваат во последните 14 години.
Еколозите предупредуваат дека забрзаното топење придонесува за затоплување на океаните и зголемени стапки на истребување на повеќе видови.
- На северот ова беше луда година, со морски мраз на скоро рекордни ниски нивоа, топлотни бранови од 37 степени Целзиусови во Сибир и огромни шумски пожари, изјави директорот на НСИДЦ Марк Серезе.
- 2020 година ќе стои како извичник за надолниот тренд на површината на арктичкиот морски мраз. Одиме кон сезонски Арктички океан без мраз, а оваа година е уште еден клинец во ковчегот, продолжи тој.
Мерењата објавени вчера се само прелиминарен наод и може да се ревидираат бидејќи континуираното топење може уште повеќе да ја намали ледената прекривка, нагласува НСИДЦ и додава дека финална анализа ќе објави во октомври. јт/