• среда, 27 ноември 2024

Повик за проектот ЛИДЕР за млади претприемачи за 2023 година

Повик за проектот ЛИДЕР за млади претприемачи за 2023 година

Скопје, 22 февруари 2023 (МИА) -  Македонија 2025 објави повик за проектот ЛИДЕР, кој 15-ти пат ќе се одржи од 8-ти до 19-ти мај годинава во Скопје. Се реализира во соработка со Ivey Business School – Western University, кои ја организираат програмата уште од 1991-та година.

-Оваа програма претставува десетдневна MBA (Management and Business Administration) обука, која ги охрабрува и поттикнува македонските претприемачи да развијат локални бизнис решенија, кои ќе создадат нови можности за социјален и економски општествен развој, информира Македонија2025.

Оттаму најавуваат дека преку интерактивни методи на учење со „студии на случаи“, учесниците ќе имаат можност да се стекнат со корисни дополнителни знаења и вештини за секоја фаза од развој на бизнисот, поврзани со изработка на стратегија, финансии, маркетинг, промоција, продажба и развој, како и целосно да го развијат чувството за бизнис. По завршување на предавањата, учесниците ќе имаат можност за индивидуална менторска сесија со некој од инструкторите од „Ivey“ школата и/или ментори обезбедени од Македонија2025.

На повикот може да се пријават учесници до 35 години - претприемачи, менаџери, сопственици на компанија, млади професионалци од бизнис сферата и сите кои се заинтересирани да ги продлабочат своите знаења од областа на бизнисот и претприемништвото.

Инструкторите на проектот ЛИДЕР доаѓаат од канадската Ivey School of Business, а на пријавените кандидати ќе им помогнат да воведат новитети во работењето на нивниот веќе постоечки бизнис или пак да ги претворат своите идеи во успешни бизниси на пазарот.

Повикот е отворен до 20-ти март 2023 година.

Македонија 2025 е меѓународна, независна, непартиска, непрофитна организација, со мисија, како што соопштуваат, да помогне во создавање просперитетна економска клима во земјата и „посилна нација”, која ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори. лв/ац/

Остани поврзан