• вторник, 11 март 2025

Повик за волонтери за ЕМОФ Скопје 2025

Повик за волонтери за ЕМОФ Скопје 2025

Скопје, 11 март 2025 (МИА) - Од 20 до 26 јули, во Скопје, Куманово и Осиек, Хрватска, ќе се одржи „Европскиот младински олимписки фестивал - ЕМОФ“, што ќе биде „центар на спортскиот дух, тимската работа и олимписките вредности“, каде што младите ќе се натпреваруваат во 15 спортски дисциплини, соопштија организаторите. 

„'ЕМОФ Скопје 2025' ќе биде најголемиот мултиспортски настан што досега се одржал во Македонија, обединувајќи над 2.500 млади спортисти од целиот континент. Овој фестивал нема да биде возможно да се организира без поддршка на волонтерите, кои нема да бидат задолжени само за логистиката, туку ќе бидат вистинските амбасадори на духот на ЕМОФ. Повеќе од 900 волонтери ќе бидат ангажирани во различни области и ќе имаат можност одблиску да бидат дел од еден врвен меѓународен спортски настан, стекнувајќи нови искуства, вештини и пријателства. Нивната улога опфаќа сè - од организација на спортските натпревари, пречек и водење на делегации, поддршка во медиумски активности, до создавање пријатна и инспиративна атмосфера за сите посетители. Тие ќе бидат првото лице на Скопје што ќе го сретнат младите спортисти од цела Европа, се вели во соопштението.

Организацискиот комитет на „ЕМОФ Скопје 2025“ веќе го објави повикот за доброволци, нудејќи им можност на сите заинтересирани лица да станат дел од овој историски настан. (Види линк.)

„Секој кој има желба да биде дел од овој настан може да се пријави и да стане клучен дел од тимот. Волонтирањето е одлична можност за млади луѓе, студенти, љубители на спортот и сите кои сакаат да придонесат кон голем меѓународен проект и да ја претстават Македонија како одличен домаќин. Атлетика, пливање, џудо, велосипедизам и гимнастика се само дел од спортовите во кои ќе се натпреваруваат младите олимписки надежи, претставувајќи ги боите на своите држави“, се додава во известувањето.

Во рамките на фестивалот, посебна нагласка ќе биде ставена на екипните спортови - кошарка, одбојка, ракомет и баскет 3х3, коишто не само што ја тестираат физичка издржливост, туку и ја нагласуваат важноста на тимскиот дух и соработката. Останати спортови во богатата програма на фестивалот се бадминтон, кајак-слалом, стрелаштво, теквондо и пинг-понг, што ќе им овозможат на младите спортисти од цела Европа да ги покажат своите вештини и натпреварувачки дух.

„'ЕМОФ Скопје 2025', не е само спортски настан, туку прослава на младоста, пријателството и фер-плејот, а волонтерите ќе бидат тие кои ќе го обликуваат духот на фестивалот. Фестивалот претставува платформа која преку спортот ги обединува младите спортисти од цела Европа, промовирајќи го духот на соработка, пријателство и почитување. Со своето значење и обем, овој фестивал е шанса Македонија да го покаже својот потенцијал на меѓународната сцена, а истовремено да ја зајакне својата позиција како дел од европската спортска и културна мапа“, велат организаторите.

За време на фестивалот, Скопје ќе биде домаќин на најголемиот дел од натпреварите, додека Куманово ќе ги пречека велосипедистите и кошаркарите. Уникатниот спортски амбиент ќе биде дополнет со уметничката гимнастика, којашто ќе се одржи во хрватски Осиек, создавајќи вистинска олимписка атмосфера низ различни места.  си/са/

Фото: „ЕМОФ Скопје 2025"

Остани поврзан