Повеќе од 90 лица уапсени во меѓународна операција против еколошки криминал во басенот на Амазон
- Во меѓународната операција „Зелен штит“, која беше насочена кон еколошкиот криминал во сливот на реката Амазон, запленет е имот вреден над 64 милиони долари, а уапсени се 94 лица, соопштија денеска официјални лица.
Богота, 10 јули 2025 (МИА) – Во меѓународната операција „Зелен штит“, која беше насочена кон еколошкиот криминал во сливот на реката Амазон, запленет е имот вреден над 64 милиони долари, а уапсени се 94 лица, соопштија денеска официјални лица.
Во операцијата, која траеше од 23 јуни до 6 јули, со координација на Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати, а преку Меѓународната иницијатива за спроведување на законот за климата (I2LEC), зададен е голем удар на транснационалните мрежи за еколошки криминал.
Во координираната акција учествувале над 1.500 полицајци од Бразил, Колумбија, Еквадор и Перу. Властите спровеле над 350 координирани рации насочени кон илегално рударство, трговија со диви животни, сеча на шуми и шверц на гориво во некои од најоддалечените и еколошки најчувствителни региони на Амазон.
На осомничените им биле запленети повеќе од 310 тони сурови минерали, 3.000 кубни метри дрва, околу 40.000 балони шверцувано гориво, како и повеќе камиони и булдожери.
Властите пронајдоа и повеќе од 2.100 живи и 6.350 угинати животни, како доказ за илегална трговија со ретки видови.
Властите во Колумбија соопштија дека разбиле три криминални групи, а други официјални лица ја нарекоа операцијата една од најсинхронизираните во заштитата на животната средина во тој регион. јт/
Фото: Х скриншот