• среда, 27 ноември 2024

Повеќе инфраструктурни зафати во стариот дел на Охрид

Повеќе инфраструктурни зафати во стариот дел на Охрид
Охрид, 22 април 2021 (МИА) – Општина Охрид спроведува активности за изградба на потпорен ѕид на улицата „Кузман Капидан“ во населбата Варош во стариот дел на градот. Армираниот бетонски ѕид долг 18 и висок четири метри решава долгогодишен проблем на жителите од тој дел на градот, се отстранува опасноста од појава на свлечиште опасно по околните станбени објекти. Најавено е дека во рамки на годинешните активности за партерно уредување, наскоро ќе почне реконструкција на пешачки патеки на повеќе локации во стариот дел на градот. Предвидена е замена на старите бехатон-плочки со гранитни, а на дел од патеките ќе се врши поставување нова основа и прередување. Исто така, ќе биде извршена промена на пумпните станици во населбата Канео и во близина на хотел „Александрија“. Минатата година, со средства од општинскиот буџет беше извршена иградба на потпорен ѕид во близина на Спомен-куќата на „Григор Прличев“, беше уреден плоштадот „Табана“ и беа реализирани уште неколку инфраструктурни зафати за подобрување на условите за жителите од стариот дел на градот. аб/ар/

Остани поврзан