• среда, 25 декември 2024

Повеќе загинати и повредени во силната снежна бура на североистокот на САД

Повеќе загинати и повредени во силната снежна бура на североистокот на САД

Њујорк, 5 април 2024 (МИА) - Неколку луѓе загинаа, а поголем број се повредени во одделни инциденти во Њујорк, Пенсилванија и Њу Хемпшир, додека невремето, придружено со силен дожд и снег, го погоди североисточниот дел на САД.

Силните ветрови и обилните врнежи урнаа дрвја и далноводи, а во еден момент речиси 700.000 домови и деловни објекти останаа без струја. Повеќето корисници останаа без струја во Мејн и Њу Хемпшир, а локалните власти соопштија дека далноводите биле оштетени и урнати од обилниот снег.

Една жена загина кога дрво откорнато од ветрови до 80 км/ч паднало врз нејзиниот автомобил во предградие на Њујорк во средата, а друга жена загинала во четвртокот во пожар во Њу Хемпшир по експлозија на гас во куќа до која дошло кога дрво паднало врз куќата. Нејзината ќерка е повредена и хоспитализирана, соопштија властите.

Како што пренесе Си-Би-Ес Њуз, уште две лица загинале во средата во Пенсилванија при пад на дрвја од силниот ветер.

Претходно во Оклахома загина жена која се криела во одводна цевка, како и жена во предградието на Филаделфија врз чиј автомобил паднало дрво и уште едно лице кое учествувало во сообраќајна несреќа во Кентаки.

Десетици летови во регионот се откажани или одложени, а многу училишта и јавни установи се затворени во северните делови на САД. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан