Поведена истрага против Манделсон поради наводно оддавање информации на Епштајн
- Метрополитенската полиција поведе кривична истрага против поранешниот британски амбасадор во Вашингтон и европски комесар за трговија, Питер Манделсон, поради наводи за злоупотреба на службената положба, е потврдено по процената на материјалите што се однесуваат на неговата наводна комуникација со осудениот американски сексуален престапник Џефри Епштајн.
Лондон, 4 февруари 2026 (МИА) - Метрополитенската полиција поведе кривична истрага против поранешниот британски амбасадор во Вашингтон и европски комесар за трговија, Питер Манделсон, поради наводи за злоупотреба на службената положба, е потврдено по процената на материјалите што се однесуваат на неговата наводна комуникација со осудениот американски сексуален престапник Џефри Епштајн.
Истрагата е иницирана откога беа објавени имејлови од Министерството за правда на САД за кои се тврди дека покажуваат оти Манделсон, додека бил секретар за бизнис во владата на Гордон Браун во 2009 година, му препраќал на Епштајн информации што би можеле да бидат чувствителни за пазарот, пренесе Би-би-си. Полицијата наведе дека примила повеќе пријави, вклучително и упатување од владата на Обединетото Кралство, по објавувањето на судските документи поврзани со Епштајн. Портпаролот на британската влада рече дека владата е подготвена да ја даде сета потребна поддршка на полицијата.
Поранешниот британски премиер Гордон Браун изјави дека му пишал на комесарот на метрополитенската полиција доставувајќи релевантни информации во врска со наводната преписка меѓу Манделсон и Епштајн оценувајќи го таквото постапување како „непростливо и непатриотско“.
Манделсон не одговори на барањата за коментар, но Би-би-си наведува дека тој смета оти не дејствувал криминално ниту од финансиски побуди. Во текот на викендот тој повтори дека жали поради својата поврзаност со Епштајн и им се извини на жените и на девојчињата што претрпеле злоупотреба.
Лорд Манделсон вчера поднесе оставка во британскиот Дом на лордовите, горниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство. Меѓутоа, рече дека ќе го задржи доживотното благородништво. Владата соопшти дека работи на законско решение, кое би овозможило одземање на неговата благородничка титула во забрзана постапка.
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека Манделсон „ја изневерил својата земја“ и го оцени наводното препраќање информации како „срамно“. Тој додаде дека не е уверен оти сите релевантни информации веќе излегле на виделина.
Наводните имејлови, кои се дел од објавените документи од 2008 година, укажуваат на комуникација меѓу Манделсон и Епштајн за владини планови вклучувајќи го данокот на банкарските бонуси, како и други економски мерки. Во документите исто така се споменуваат наводни парични исплати од Епштајн до Манделсон и неговиот партнер, што Манделсон претходно го негира наведувајќи дека не се сеќава на тие исплати или дека тврдењата се неточни.
Опозициските партии побараа дополнителни објаснувања во врска со именувањето на Манделсон за амбасадор на Велика Британија во САД во 2024 година, како и за процесот на проверка што и претходел на оваа одлука. Владата најави дека ќе биде подготвена да ги објави релевантните информации, со исклучок на документите што би можеле да ја загрозат националната безбедност или меѓународните односи. јт/
Фото: ЕПА