Пленковиќ за изгласувањето недоверба на Владата: Уште едно памфлетче на СДП
- Барањето за гласање недоверба на Владата го потпишаа 31 пратеник од опозицијата, а за него ќе се расправа во вторник во хрватскиот Сабор (собрание).
Загреб, 28 ноември 2024 (МИА) - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека барањето на опозициската СДП за гласање недоверба на Владата е уште еден лош памфлет од работилницата на оваа опозициска партија.
Барањето за гласање недоверба на Владата го потпишаа 31 пратеник од опозицијата, а за него ќе се расправа во вторник во хрватскиот Сабор (собрание).
„Како Влада, минатиот петок на телефонска седница веќе го кажавме своето мислење за предлогот да се постави прашањето за доверба на мене, како претседател на Владата. Ќе ги отстраниме сите нивни клеветнички намери. Исто така, во овој момент ја завршивме првата фаза од назначувањето на министер за здравство. Докторка Ирена Хрстиќ и јас во вторникот бевме пред Комитетот. Во ист тон, како и ова памфлетче, беше оркестрираниот напад на опозицијата, рече Пленковиќ и изрази увереност дека д-р Хрстиќ ќе биде изгласана за министерка за здравство и дека Владата ќе биде комплетирана.
Опозициската СДП покрена иницијатива за гласање недоверба на Владата по приведувањето на министерот за здравство, Вили Берош, под сомнение дека е вмешан во корупција во здравството.сд/
фото:МИА архива