• понеделник, 23 декември 2024

Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара да се врати во функција порталот „Отворени финансии“

Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара да се врати во функција порталот „Отворени финансии“

Скопје, 26 август 2024 

Почитувани,


Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро го осудува оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот и бара итно да се врати во функција порталот „Отворени финансии“.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара од Министерството за финансии да се овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот „Отворени финансии“ и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика.

Порталот „Отворени финансии“ на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17.6.2024 година. Согласно преземените обврски во рамки на Партнерството за отворена власт и досегашната пракса, податоците на порталот се ажурираат два пати во текот на месецот, што значи дека повеќе од два месеци порталот не ја извршува својата функција.
За потсетување, воведување на порталот  „Отворени финансии“ е една од најзначајните реформи со кои се унапредува проактивната транспарентност на државните институции. Како дел од Партнерството за отворена власт, оваа активност беше оценета како заложба со амбициозен дизајн и успешна имплементација која воведе исклучителни промени во институционалните практики.
Платформата ја потсетува Владата на Република Северна Македонија дека во предизборието беше ветено дека ќе се зголеми бројот на отворени податоци и нивно ажурирање. Со сегашната состојба на „Отворени финансии“, Платформата стравува дека процесот се движи во спротивна насока.

Со почит,

Платформа на граѓански организации за борба против корупција

___________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото: Платформа на граѓански организации за борба против корупција

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан