• среда, 25 декември 2024

Сите членови на Судскиот совет да поднесат оставки - бара Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата

Сите членови на Судскиот совет да поднесат оставки - бара Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата

Скопје, 10 мај 2023 (МИА) - Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска соопшти дека Судскиот совет ја изгуби легитимноста да биде тело кое ќе ја штити судската независност и бара од актуелните членови на Судскиот Совет да поднесат оставки и да овозможат формирање на друг состав на Советот.

-Веќе втора недела јавноста сведочи како Судскиот совет континуирано отстапува од Законот за Судскиот совет и од стандардите за транспарентно и отчетно работење на оваа институција. На 26 април 2023 година, Судскиот совет  спротивно на Деловникот за работа вметна точка во веќе изгласаниот дневен ред, по што одлучуваше за разрешување на претседателот на Судскиот совет без да ги почитува правилата предвидени во Законот кои се однесуваат на потребното мнозинство за избор, како и на одредбите кои ја уредуваат дисциплинската постапка во рамки на која единствено може да се утврди несоодветно постапување на член на Советот, вклучително и претседателот, се вели во соопштението на Платформата.

Оттаму потсетуваат дека на 4 мај 2023 година Судскиот совет соопштил оти е закажана седница само 15 минути пред нејзиниот почеток, а истиот ден извести дека во меѓувреме се оствариле две седници со исклучена јавност. Ова, според Платформата, е направено надвор од законските основи за исклучување на јавноста, како и без следење на процедурите за исклучување и без образложение за причините за истото.

-На јавната седница не беа усвоени записници од претходните седници, ниту беше реферирано што се случувало на седниците на кои јавноста беше незаконски оневозможена да присуствува, туку Советот продолжи со избор на нов претседател како јавноста веќе да е запознаена со сѐ што се случувало претходно на нејавните седници, потенцираат во соопштение.

Како што појаснуваат, на овие нејавни седници, според соопштенијата објавени на веб страната дури откако беше завршена јавната седница од 4 мај, била повлечена одлуката за разрешување на претседателот, иако Законот не предвидува можност за повлекување на донесени одлуки на Советот, но исто така е направено повторно разрешување, повторно надвор од каква било законски предвидена процедура.

-На 9 мај Судскиот совет одлучи да ги отстрани камерите од просторијата каде се одржува седницата, што е прв пат во работата на Советот да се отстранат камерите на новинарските екипи, а исто така е сторено во многу специфичен момент, односно откако се случија сите претходни отстапувања од Законот и Деловникот за работа. Ова за жал е дополнително намалување на транспарентноста на Советот, а воедно говори во насока на тоа дека членовите на Советот ја гледаат транспарентноста и јавноста на нивното работење како главна причина за состојбите, а не нивното сопствено незаконско постапување, велат од Платформата.бт/са/

Остани поврзан