• понеделник, 23 декември 2024

Платформата Икс го суспендираше налогот на ајатолахот Хамнеи на хебрејски јазик

Платформата Икс го суспендираше налогот на ајатолахот Хамнеи на хебрејски јазик

Вашингтон, 28 октомври 2024 (МИА) - Социјалната мрежа Икс рано утринава го суспендираше новиот профил на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, на кој беа објавувани пораки на хебрејски јазик.

Платформата Икс, поранешен Твитер е во сопственост на Илон Маск.

Налогот е суспендиран со кратка објава дека „Икс суспендира профили што ги кршат правилата на платформата“, но не е јасно кој дел од правилата е прекршен. 

Суспензијата следи по првиот отворен напад на Израел врз Иран овој викенд. На профилот беше објавена порака во која се наведува дека „ционистичкиот режим погрешил во проценката на Иран“, а додава: „Ние ќе го натераме да сфати каква сила, способност и волја поседува иранскиот народ“, објавија израелски медиуми.

Правилата на Икс забрануваат „содржина од насилни и субјекти кои шират омраза“, но овозможуваат исклучоци за државни и владини објави.

Во својот вчерашен говор, Хамнеи изјави дека израелскиот напад во одговор на иранскиот балистички напад не треба да се преценува ниту потценува, но не повика на одмазда.

Новиот профил на хебрејски беше отворен со исламистичкиот поздрав: „Во името на Бога, Милостивиот, Сомилосниот““, по што следуваше порака на англиски јазик, усогласена со неговиот вчерашен говор.

Кабинетот на Хамнеи има повеќе профили на платформата Икс на различни јазици и подолг период испраќа пораки на оваа мрежа. Ова не е првпат профил на Хамнеи да биде суспендиран од социјалните мрежи – во февруари беа суспендирани неговите налози на Фејсбук и Инстаграм поради поддршката за палестинскиот Хамас по нападите на 7 октомври врз Израел.

Социјалните мрежи со години го ограничуваат пристапот на Иран до своите платформи. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан