• вторник, 24 декември 2024

Планот на британската влада за депортирање мигранти во Руанда го претрпе првиот пораз во Домот на лордовите

Планот на британската влада за депортирање мигранти во Руанда го претрпе првиот пораз во Домот на лордовите

Лондон, 23 јануари 2024 (МИА) - Домот на лордовите во Велика Британија му го нанесе првиот пораз на контроверзниот план на британскиот премиер Риши Сунак за депортирање мигранти во Руанда, јави ДПА.

Домот на лордовите со 214 гласа „за“ и 171 „против“ го усвои потегот без преседан за одложување на договорот со источноафриканската земја што го отвора патот за спроведување на контроверзната шема за азил.

Домот го поддржа повикот на Комитетот за меѓународни договори да не се ратификува пактот додека министрите не докажат дека Руанда е безбедна земја.

Владата преговараше за правно обврзувачки договор со Кигали во декември и рече дека одговорила на загриженоста на Врховниот суд на земјата во врска со можноста барателите на азил депортирани во Руанда да бидат префрлени во земја каде што може да бидат изложени на ризик.

Сепак, меѓупартискиот комитет на Домот на лордовите рече дека заштитните мерки во договорот се „нецелосни“ и дека треба да се спроведат пред да биде одобрен.

За разлика од Долниот дом, кој има право да ја одложи ратификацијата на договорот, Домот на лордовите може да дава само совети, посочува ДПА. Сепак, непочитувањето на мислењето на лордовите може да се користи подоцна кога се оспорува владината акција на суд.

Договорот е основа на владиниот нацрт-закон за Руанда, кој ги обврзува судовите да ја сметаат африканската земја како безбедно засолниште.

Поразот од лордовите, кои се загрижени за планот за депортација, според кој некои баратели на азил ќе бидат ставени на еднонасочен лет до Африка, е сигнал дека законодавството ќе биде тешко усвоено, иако премиерот го повика Горниот дом да не се блокира „волјата на народот“, забележува ДПА. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан